Барај
Close this search box.

Стотина млади енергично дискутираа: Што и нуди Република Македонија на својата младина?

Младината треба да бара повеќе и ако е потребно дури и да влазе во конфликт со власта, но тоа мора да биде во интерес на општеството и државата. Ова е една од пораките на стотина млади, учесници на целовечерната трибина, која синоќа, 15 јуни, се одржа во ГЕМ клубот. Дискусијата, во организација на Младинскиот образовен форум (МОФ) и движењето Граѓани за европска Македонија (ГЕМ), ги потврди како релевантни и важни прашањата околу неизвесната иднина на младината со одложувањето на интеграцијата во ЕУ, како и исклученоста на младите од процесите на одлучување на сите државни нивоа.

За учесниците на трибината младината не е само иднина на Македонија, туку сегашност и не може да зборуваме за ЕУ ако на младите им се бара партиска книшка за вработување.

“Ако во Македонија е проблемот, во ЕУ е решението. Во спротивно, младината ќе ја изгуби можноста да живее како западниот свет и понатаму ќе ни се нуди политичка злоупотреба од сите политички партии.” – истакна Адреја Стојковски, претседател на Македонски центар за европско образование.

Повикувајќи на активизам, матурантката Маринела Мајнова од НВО Фокус од Велес порача да се престане со ширење на лажната теза дека ако Македонија влезе во ЕУ, младината ќе се одлее надвор.

Конфузијата во која се наоѓаат младите во Република Македонија ја потврди и Мартин Галевски, презентирајќи првични податоци од последното истражување на МОФ. Според делумно обработените резултати од истражувањето,  40% од средношколците во Македонија сметаат дека одлуките на Владата не влијаат врз нивното живеење, додека 48% од нив, за 10 години од денес, не ја гледаат својата иднина во Република Македонија.

Учесниците на трибината ја потенцираа и неопходноста од здружување на младите околу нивните интереси, како и од активното спроведување младинска политика. “Да научиме да се здружуваме, макар и за мали и невообичаени цели”, порача Никола Гелевски од ГЕМ.

Според Дона Костуранова од МОФ за апатијата кај младите виновни се и официјалните претставници во студентското и средношколското организирање.

“Да се занимаваш со политика не значи дека си криминалец. Значи дека си одлучил да го искажеш своето мислење јавно”, смета Кристина Леловац од Општествено политички неподобен театар, додавајќи дека младите, со своите промислени акции, ќе ја донесат демократијата во Македонија.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: