На 26-ти јули (петок) во Општина Струга започна иницијативата „Струга сака скејт парк“организирана во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско општество. Настанот започна со отворање штанд каде граѓаните може да се потпишат на петицијата за изградба на скејт парк во Струга.
Целите на овој настан беа:
– Поттикнување на локалните институции за изградба на скејт парк во Струга;
– Поголеми можности за активност кај младите во Струга;
– Можност за иницијатива на младите во Струга.
Петицијата, односно штандот на кој граѓаните се потпишуваа за поддршка беше отворен и на 27-ми и 28-ми јули во струшката чаршија. Вкупно беа собрани 721 потпис кои ќе бидат поднесени до општината заедно со барање за изградба на скејт парк, а ќе се искористат и за јавната трибина на која ќе се повика градоначалникот на Струга да ја претстави својата младинска политика, а воедно да им се даде можност на младите од градот да кажат што им недостасува за да се чувствуваат како дел од општеството.
Граѓаните кои се потпишаа, кажаа дека на оваа група млади им ја даваат својата поддршка затоа што во Струга треба да се нагласи потребата младите да учествуваат во процесот на донесување одлуки. За време на овој настан беше направен и марш на кој скејтерите, велосипедистите и сите други вклучени ја покажаа својата едногласност, а тоа е дека на Струга и е потребен скејт парк.
Настанот беше организиран од страна на група млади активисти, кои учествуваа на Школата за активно граѓанство (Обуки за младински активизам) како дел од Проектот на УСАИД за граѓанско општество во организација на Младинскиот образовен форум.