Струмичани им кажаа решително „НЕ“ на предрасудите и застанаа во одбрана на слободата на изразување, благодарение на локалната младинска кампања „Слобода е да немаш предрасуди“.
На 26 октомври, за време на саботниот двочасовен јавен настан организиран од група млади струмички активисти, на плоштадот во Струмица, голем број граѓани ја поддржаа кампањата и учествуваа во нејзините активности. Тие во рамките на арт работилницата, креираа сопствени маички со пораките: различен и слободен, не озборувам, не осудувам, не осудувај биди љубопитен.
На таблата за слободно изразување „Слобода е…“, која беше поставена и која ќе остане во Струмица до 15 ноември, струмичани ги испишуваа пораките: слобода е да живееш во Струмица, слободата е во мрак, слобода е да зборуваш струмички, слобода е анархија и др.
Особен интерес предизвика и акцијата „Сам/а на кафе, па што!“, која имаше за цел да го поттикне искоренувањето на предрасудите спрема секој оној кој на јавно место пие кафе сам. На специјално резервираната маса во популарното кафуле „19“, десетина млади и постари струмичани, сами пиеја кафе и со тоа порачаа дека нема ништо лошо и страшно доколку самите со себе пиете кафе, размислувате или пак, читате.
На присутните граѓани, во името на организаторите им се обрати Данче Ангелова, која истакна: „Да се живее во демократско општество значи секој да има право на свое мислење, на свое изразување, на свој начин на живеење. Предрасудите однапред осудуваат и создават услови за дискриминирачко однесување спрема секој што е поразличен. Тие нѐ оддалечуваат едни од други. Тие го хранат говорот на омраза. Тие сакаат да ги поништат разликите меѓу луѓето.“ Едни од најчестите предрасуди во Струмица, нагласи Ангелова, се, изгледот и однесувањето на младите луѓе. Секој кој се облекува поинаку, кој има „откачена“ фризура, кој послободно и поразлично се однесува, кој пие сам кафе во јавност, многу често е предмет на озборување и на осуда. Нагласувајќи дека секој човек е роден да живее слободно и да биде она што е, без да ја загрозува слободата и уникатноста на другите луѓе, Ангелова порача: „Ние, младите од Струмица, денеска, овде на плоштадот во нашиот град симболично со чадори и со нашите активности, создадовме зона ослободена од секакви предрасуди и решително велиме: Стоп за предрасудите!“.
Кампањата „Слобода е да немаш предрасуди“ се реализира во рамките на проктот „Млади промотори на слободата на изразување“. Проектот го релизираат Фондацијата НВО Инфоцентар и Младинскиот образовен форум, а е поддржан од ЕУ преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР).