На 27.04.2013 година во Дом на АРМ во Скопје, членовите на Напреден Учиме право клуб при Младински образовен форум во улога на делегати ја симулираа работата на Советот за безбедност на Организацијата на Обединетите Нации и одлучуваа за состојбата во Сирија. Делегатите на петте постојани земји членки Кина, Русија, Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Франција, како и десетте непостојани земји членки избрани за две години од страна на Генералното Собрание на ООН и тоа Аргентина, Азербејџан, Австралија, Гватемала, Луксембург, Мароко, Пакистан, Република Кореjа, Руанда и Того, на чело со Руанда како моментален претседавач во месец aприл, симулираа заседавање на Советот на Безбедност како клучна институција во Организацијата на Обединетите Нации чија клучна задача е да го одржува мирот и безбедноста помеѓу нациите. Тема на дискусија беше вооружениот конфликт во Сирија и изнаоѓање начини и решенија како да се надмине кризата која постои во оваа земја. Членовите на Напредниот Учиме право клуб односно делегатите, имаа за задача да цврсто го бранат ставот на својата земја во однос на ова прашање и со свои предлози и сугестии изнајдат соодветно и најправилно решение со кое би се ставило крај на кризата во оваа земја и би се спречиле понатамошни крвопролевања со кои се соочуваат жртвите на насилствата во Сирија.
После 2 ипол часовна дискусија, беше подготвена предлог резолуција од страна на Јужна Кореа, подржана од Обединетото Кралство, Кралството Мароко, САД, Луксембург и Того во чиј текст се предложи членките на ООН да престанат да ја добавуваат Сирија со било какви воени материјали, да се воведе економско ембарго за увоз и извоз на било какво средства, со исклучок на хуманитарни материјали средства, се препорача да се зголеми хуманитарната помош за Сирија од страна на членките на ООН, да се пратат хуманитарни и воени набљудувачи и да се воведат беспилотни зони за летови кон Сирија. Откако предлог резолуцијата беше разгледана и дискутирана од страна на делегатите, дополнувана со амандамани, пред истата да се стави на гласање, Русија, како постојана членка на Советот за безбедност го искористи своето право на вето и спречи резолуцијата да биде изгласана. Со тоа, заседанието на Советот за безбедност се затвори и дискусијата за прашањето за вооружениот конфликт во Сирија беше оставено за некое следно заседание, со препорака членовите на Советот за безбедност да се обидат да најдат заеднички став по ова прашање што побрзо со цел да се спречи уште поголемо ескалирање на ситуацијата во Сирија.
Напредниот Учиме право клуб за прв пат е формиран во учебната 2012/13 година чии членови се средношколци кои редовно ги посетуваа предавањата по Учиме право во училиштата во претходната учебна 2011/12 година. Средношколците членови на Напредниот Учиме право клуб веќе втора година се членови во Младински образовен форум кои секоја сабота редовно ги посетуваат предавањата во рамки на Напредниот Учиме право клуб посветени на меѓународното право и меѓународните односи. Симулацијата на Советот за безбедност е прв настан на Напредниот Учиме право клуб.