Барај
Close this search box.

Студентите да ги бараат своите права пред институциите

На 11 декември 2014, на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје,се одржа промоција на брошурата „Студенту, ти имаш право да знаеш“ во организација на Младинскиот образовен форум. На промоцијата на публикацијата говореа: Ѓорѓи Илиевски, инспектор во Државниот просветен инспекторат; Васка Бојаџи, студентски правобранител при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје; и Кристина Митрова од Младинскиот образовен форум.

Инспекторот Ѓорѓе Илиевски, кој е и автор на публикација, со присутните сподели дека мотивот за нејзино издавање е да се доближат правата на студентите до нив. Во својот предговор на публикацијата, тој истакнува „И покрај декларативните залагања и законската регулатива, сé уште во практиката студентот не е вклучен на завидно ниво, односно има расчекор во практиката. Затоа, потребно е студентите поорганизирано и активно да се вклучат во студентското организирање, како и секој сегмент во органите на универзитетските и факултетските тела“. Тој ги охрабри студентите да му пристапуваат на Државниот просветен инспекторат за остварување на своите права.

Студентскиот правобранител на УКИМ, Васка Бојаџи изјави дека студентите често се обраќаат кај правобранителот и не само да за да укажат на повреда на правата туку и да се информираат, и потенцираше дека е неопходно да се внимава и на превентивната улога. Таа исто така кажа дека студентските правобранители на УКИМ досега постапиле по 300 претставки.

Кристина Митрова, проектен координатор во МОФ сподели дека оваа брошура, како и работата на Советодавниот сервис за права на млади се тука да им помогнат на студентите, но и средношколците и младите да се застапуваат за своите права. Таа кажа „Не се плашете ако ве вратат и ви кажат „Немате право на тоа“, и не се откажувајте од процесот, поднесувајте сé на писмено за да може да продолжите кон други инстанци“. Таа посочи дека во некои случаи овој пристап бил клучен за реализирање на правата.

Присутните студенти поставија и свои прашања, и се дискутираше за:  правото на бесплатно студирање, истечениот мандат на студентскиот претседател, правото на студентите за користење на просторот на факултетите, надлежностите на ДПИ и Студентскиот правобранител во однос на Студентските парламенти и други прашања.

Брошурата покрај во печатена форма е достапна и на страницата на МОФ. Оваа публикација цели да овозможи повеќе информации за студентите и запознавање со сопствените права, а е производ на соработката меѓу Државниот просветен испекторат и Младинскиот образовен форум.

Издавањето на брошурата и оваа трибина се реализирани во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско општество.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: