На 23 септември (среда), на платото на УКИМ се одржа промоцијата на првата анализа на студентското организирање на државните универзитети „Анализа на студентското организирање и учество во Македонија“ и панел дискусија со: Александра Живковиќ (МОФ), Проф. д-р. Димитар Гелев, Ивана Туфеџиќ (Студентски плеум) и активистот Александар Стојановски, под модерација на новинарката Јасмина Јакимова.
Александра Живковиќ од МОФ, која е и еден од авторите на публикацијата кажа дека анализата нуди осврт на правната рамка во Македонија за студентското организирање, а се анализира и формата на студентсктите парламенти како единствени признаени претставнички организации. Таа изјави дека универзитетите ја овозможуваат монополската форма на парламентите и само нив ги препознаваат како форма на организирање. На голем дел од факултетите не се одржуваат избори, па дури ни на некои универзитети. „Студентите во Македонија според законот се вклучени во сите тела во кои се носат важни одлуки – Кој да биде ректор, колкав е буџетот, какви програми да има, обновување на библиотечните фондови и други прашања. На студенските претставници од парламентите им е дадена можност да одлучуваат во универзитетските и факултетските тела рамноправно со професорите“ кажа таа.
Професорот Гелев кажа „Во скоро време при анализа на актите, со шок констатирав дека студенскиот парламент е регистриран како невладина организација. Студентските претставнички организации мора да се дел од универзитетот и инкорпорирани во неговиот статут и акти“. Зборуваќи за студентските протести тој кажа „Бунтот претстанува крик на едно општество кое тоне“ и потенцираше дека проблемите се решливи се додека има волја и интерес од студентите.
Ивана Туфеџиќ од Студентски пленум кажа „Лично сметам дека ни е потребна компетитивност во претставувањето на студентите. За да кажеме дека правиме студентски избори, треба да имаме избор“. Таа кажа дека тоа што студентите не очекуваат ниту пак бараат нешто од СПУКМ им помага да ја задржат монополската позиција како страно тело кое Универзитетот треба да го отфрли, чекор направен при влезот на Студенсткиот пленум во работната група за Законот за високо образование.
На ова се надоврза активистот Александар Стојановски, кој го отвори прашањето за независноста на студентскиот правобранител кој треба да биде правна алатка за студентите и застапник за нивните права. Тој искажа загриженост дека правобранителот не смее да биде сојузник на лошите и пасивни оранизации туку на студентите.
Дискусијата помина во судир на мислења за правната рамка за парламентите, начините на финансирање и уредување, но и согласување дека во овој момент не ја вршат својата улога. Пасивни во јавноста, реактивни на други студентски иницијативи и нападнати за корупција и нетранспарентност, на студентските тела им треба предизвик и од студентите и од универзитетите за да се промени нешто во интерес на студентот.
Публикацијата „Анализа на студентското организирање и учество во Македонија“ е првиот документ кој транспантно и систематизирано ја прави достапна структурата, учеството и формата на парламентите на јавните универзитети во Македонија од правен аспект и нивната досегашна работа. Нејзини автори се Мартин Алексоски, Сања Божовиќ, Мартин Галевски, Александра Живковиќ и Марија Мирчевска, а е достапна на страницата на МОФ на линкот.
Подготовката на публикацијата и настанот се поддржани од Проектот на УСАИД за граѓанско општество.