Студентите имаат должност да го реформираат своето организирање, институциите да ги чујат

Студентски парламенти, финансирање на студентското организирање, студентските правобранители и разликите меѓу универзитетите за кои треба да се најде решение преку Законот за високо образование, беа меѓу темите кои денеска беа начнати од студентите на консултациите во Битола. Во Инфо клубот на Правниот факултет, студентите по втор пат имаа шанса да ги споделат своите ставови и мислења околу потенцијалните реформи за студентското организирање.

Ѓорѓи Рајчиноски од Студентски пленум потенцираше дека процесот на донесување на еден закон кој е од витално значење за нашето општество мора да биде инклузивен, односно да опфати што е можно поголема група на луѓе што ќе се вклучи во негово креирање.

„Ние, како млади луѓе кои битката за подобро образование ја почнавме пред 3 години, имаме должност да ја истераме оваа работа до крај. Се надевам дека Министерството за образование и наука нема да ја направи грешката на претходната гарнитура – студентите наместо на маса да ги врати на улиците; така што очекувам ова да е увертира во еден европски систем на образование кој заеднички ќе го градиме“, вели Ѓорѓи Рајчиноски од Студентски пленум.

Според Александра Филипова од Младински образовен форум (МОФ), институциите мора да сфатат дека младинското учество е од особено значење и треба да го прифатат, промовираат и поддржат.

„Се надевам дека ќе имаме Закон за високо образование кој ќе ги среди досегашните проблеми со студентското организирање а истиот ќе биде креиран во соработка со студентите и студентските организации“, вели Филипова.

За Никола Петровски од Националниот младински совет на Македонија, студентското организирање треба да се води по принципот „од студентите, за студентите“, бидејќи, вели тој, тие најдобро ги знаат проблемите и предизвиците со кои се соочуваат.

„Додека пак студентските парламенти останати како реликвија на минатиот систем не само што не ја исполнуваат целта за која постојат, туку и упатуваат на погрешна слика за тоа што претставува студентското организирање и вклучување на студентите“, рече Петровски.

Ангела Јанкоска од студентската организација ЕЛСА смета дека постоечкиот Закон за високо образование недоволно прецизно го уредува студентското организирање. Оттука, вели таа, како последица се соочивме со претставнички тела достапни само до одредени „елити“, нетранспарентни, неодговорни, кои застапуваат само свои потесни интереси.

„Новиот закон треба да ги пополни празнините, да обезбеди јавност во работата, легитимност на изборите и пратеници кои ќе бидат вистински претставници на студентите. На тој начин ќе се стави крај на досегашните злоупотреби и ќе се зголеми довербата во студентските организации“, потенцира Јанкоска.

Покрај јавните консултации одржани во Штип и Битола, планирани се консултации во Скопје и Тетово кои ќе се реализираат до крајот на овој месец. По консултациите ќе се изработи документ кој ќе ги содржи сите препораки од настаните и ќе биде презентиран на Министерството за образование и наука, пратеници, Агенција за млади и спорт, младински и студентски организации и останати чинители. Активностите се финансирани и се спроведуваат во партнерство со Фондација Отворено Општество – Македонија.

Сподели