Студентите на УКИМ не се запознаeни со законите кои ги штитат од дискриминација

 

Јавна трибина „ Студентите и академската заедница против дискриминацијата-антидискиминациони политики на УКИМ“

Денес, со почеток во 12 часот, на Правниот факултет „Јустинијан Први“, се одржа јавна трибина „Студентите и академската заедница против дискриминацијата-антидискиминациони политики на УКИМ“ во организација на Младински образовен форум (МОФ) и Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“. Целта на трибината беше да се презентираат резултатите од спроведеното истражување врз студентите од УКИМ, како и препораки за спречување на оваа појава на универзитетот.

Истражувањето вели дека студентите на УКИМ не се запознаени со правните акти кои ги штитат од дискриминација. Дури 85% од студентите одговараат дека не се запознаени со ниту еден правен акт кој промовира антидискриминација. Само 3% од студентите се запознаени со Законот за заштита и спречување на дискриминација.  Кога станува збор за  запознаеноста со правните механизми, 37% од студентите велат дека незнаат каде да пријават дискриминација доколку им се случи, а 14% одговараат дека не би пријавиле од страв од санкции.

Досега до Комисијата за заштита од дискриминација, МОН, СП, СПУКМ нити до управата на факултетите во рамките на УКИМ не е пријавен ниту еден случај на дискриминација од страна на студент. На факултетите не постојат  тела кои би ги информирале студентите, нити тела до кои би можеле да се поднесуваат претставки.

Според истажувањето, најзастапени облици на дискриминација во високото образование се оние врз основа на политичка припадност, етничка припадност и јазик и пол.

Говорници со свои излагања на трибината беа: Гордана Бужаровска-продекан на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Владимир Трајковиќ-продекан на ФИНКИ, Даниела Паунова-претставник од Комисијата за заштита од дискриминација, Жарко Трајановски од Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“ и Александра Живковиќ од МОФ.

На почетокот на трибината беа презентирани резултатите од истражувањето, правната рамка и надлежните за постапување по престапки од страна на Жарко Трајановски од Коалиција и  Александра Живковиќ од МОФ, по што учество во дискусијата земаа припадниците на академската заедница.

Проф. д-р Гордана Бужаровска од Правниот факултет истакна дека решавањето на проблемот со дискриминацијата бара примена на конкретни мерки и акции, а не носење на нови законски акти за превенирање на овој проблем.  „Имаме релативна конзистентна законска рамка, но дискриминацијата нити е проблем што се решава со закон, единствено може да ги регулирате постапките, процедурите и механизмите. Дискриминацијата многу често ја има во политиките, однесувањето, во постапувањето и многу често е скриена  одошто отворено се покажува.“

Проф. д-р Владимир Трајковиќ истакна дека нивниот факултет прави многу за подобрување на состојбата на студентите, и дека е неопходна соработка со официјалните студентски претставници за решавање на проблемот за дискриминација.

Даниела Паунова, од Комисија за заштита од дискриминација го поддржа истражувањето, и се согласи дека студентите не пријавуваат дискриминација затоа што се исплашени од последици, и дека на овој проблем мора да се работи поактивно. Пауновска изјави дека по ова истражување, Комисијата ќе почне поактивно да се заложува за промоција на нејзините активности и доближување на алатките на превенирање на дискриминација кон студентите.

Во текот на трибината беше наметнато прашањето за активирање на посебни тела во рамките на Универзитетот и факултетите каде би можело да се пријави дискриминација и активирање на механизми кои би ги штителе студентите од понатамошни импликации. Беше и говорено за причините зошто студентите не пријавуваат дискриминација, и беше донесен генерален заклучок дека е неопходно да се воведат алатки кои со кои ќе се гарантира анонимност и заштита на идентитетот на оној кој пријавува.  Деканите изјавија желба за соработка и развивање на заедничка стратегија за намалување на степенот на дискриминација во високото образование.

Резултатите кои беа презентирани на оваа трибина се дел од истражувањето кое го направија МОФ и Коалиција  „Заштита на здравствени и сексуални права на маргинализирани заедници“, а кое имаше за цел да ги испита облиците на дискриминација кои ги искусуваат студентите за време на своите студии, како и  нивната запознаеност со поимот на дискриминација и правните акти кои нудат заштита од оваа појава.  Воедно на оваа трибина беше промовирана публикација во која  се објавени резултатите добиени од истражувањето, како и компаративна анализа на правни акти и странски искуства во превенирање на дискриминацијата во високото образование.

Целосната анализа можете да ја преземете тука.

Сподели