Барај
Close this search box.

Студентите се согласуваат – студентската пракса е добра идеја, но недостасува соодветно спроведување

На 10 јуни, со почеток во 12 часот во Libraria e Çarshisë, Младински образовен форум (МОФ) реализираше јавна трибинa на која се дискутираше спроведувањето на студентската пракса во Македонија. Свои обраќања на јавната трибина имаа претставници на три студентски организации: Дарко Тодоровски (ИАЕСТЕ), Александра Коложег (АИЕСЕК) и Викторија Николовска (ЕЕСТЕК).

Говорниците се сложија дека е оправдано воведувањето на задолжителна пракса, но дадоа и критички осврт кон начинот на спроведување на праксата. Како главни проблеми беа посочени: несериозен пристап од страна на некои работодавци во поглед на назначување конкретни и значајни работни обврски на практикантот, нереално водење на евиденција за текот на праксата од страна на практикантот, несоодветен надзор на извршувањето на праксата од страна на високообразовните институции, како и несериозен пристап на практикантите кон самата пракса.

Александра Коложег (АИЕСЕК) посочи дека се деградира вредноста на праксата кога работодавците немајќи доверба во практикантите им даваат незначајни обврски, но и дека има унапредување во начинот на спроведување на праксата во последниот период.

Викторија Николовска (ЕЕСТЕК) се осврна на недостатокот од сериозен пристап кај самите студенти. Иако 30 денови можеби не се доволни за стекнување вештини, според Викторија доколку студентите имаат желба и мотивација, работодавците излегуваат во пресрет давајќи можност праксата да биде продолжена.

Дарко Тодоровски (ИАЕСТЕ) направи споредба помеѓу праксата во Македонија и во странство. Она што е карактеристично за праксата која се реализира надвор од Македонија е што компаниите и институциите каде се извршува се поставени пријателски кон практикантите, обидувајќи се условите за работа да ги направат привлечни и стимулативни. Александра Коложег надополни дека разликата е што во домашни услови студентите мораат да реализираат пракса за упис во нареден семестар, додека меѓународната пракса се реализира на иницијатива на самите студенти, што подразбира и поголема мотивација и интерес за успешно спроведување на праксата. Како претставници на студентски организации со искуство во посредување на меѓународна пракса, говорниците посочија дека овие пракси се признаени од речиси сите факултети и за истите пракси се обезбедува финансиски надоместок (за волонтерските пракси покриени се сместување и храна, додека за професионалните пракси самата институција/организација -домаќин дава финансиски надоместок во вид на плата која неретко е и повеќе од доволна за покривање на трошоците за пат и живот во средината каде праксата се извршува).

Студентите присутни во публиката зборуваа за различниот пристап кои приватните и државните универзитети го имаат кон праксата, споделувајќи позитивни искуства од приватните универзитети, кои можат да се искористат како препорака за унапредување на процесот на спроведување на пракса на државните универзитети. Посетителите дадоа и забелешка дека не е доволно само воведување на задолжителна пракса како модел кој треба да ја унапреди конкурентноста на младите кадри на пазарот на труд, туку потребна е промена и во предметните курикулуми во насока на редефинирање на целите кои треба да ги исполнат и воведување на активности како симулации, натпревари, вежби кои би стимулирале иновативност, тимска работа и развој на друг вид меки вештини.

Студентската пракса е задолжителна, според одлуката на Министерството за образование во 2009 година и секој студент мора да помине 30 дена на пракса во приватна компанија или јавна институција, како услов за упис во наредната учебна година. Во текот на реализацијата на практичната работа, студентот треба да е под надзор на ментор од високообразовната институција, кој одговара за успешно реализирање на практичната работа. Институцијата каде што се реализира практичната работа, исто така ангажира ментор кој е задолжен за следење на работата на практикантот.

Јавната трибина е организирана од Младински образовен форум во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско општество.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: