На 06 Декември во просториите на ГЕМ (Менада) се одржа прес конференција со цел презентација на резултатите од истражувањето на тема: Поткуп во високообразовните установи, кое беше спроведено од страна на Младински образовен форум. Во склоп на презентација на резултатите од истражувањето, беше промовирана и публикација со наслов: Пакет за прва помош – Студентски прирачник за истражување на корупцијата во високото образование кој претставува финален производ од повеќегодишните истражувања на Младински образовен форум како дел од Антикорупциска студентска мрежа во Југоисточна Европа [Anti Corruption Student Network (ACSN)].
Резултатите од истражувањето на тема „Поткуп во високообразовните установи“ наведуваат на заклучот дека митото и поткупот постојат во изразена форма во високото образование и дека студентите се свесни за нивната појава. Сепак, кај студентите постои толеранција кон митото и поткупот, па дури и потикнување наместо пријавување.
Резултатите од истражувањето се следните:
Дали некогаш си бил/а изложен/а на некои од случаиве наведени подолу?
· Високи 32% од испитаниците навеле дека биле приморани да ја носат сопствената копија од книгата или скриптата на професорот за да учествуваат на часовите, односно предавањата, додека 24% познаваат некој на кој му се случило истото. Истовремено 34% од испитаниците изјавиле дека биле приморани да ја имаат книгата, односно скриптата на професорот за да им биде дозволено да го полагаат испитот.
Дали некогаш си бил/а изложен/а на некои од случаите наведени подолу?
· На прашањето дали некогаш се нашле во ситуација да мора да посетуваат платени приватни часови кај некој од професорите/асистентите со коишто им се гарантира повисока оценка 4% од испитаниците одговориле дека им се случило на нив, додека пак 28 % одговориле дека познаваат некој на кој му се случило.
· На прашањето за нудење на услуги на професор/службеник во возврат за други услуги, 1% одговориле дека се нашле во таква ситуација, додека 34% одговориле дека познаваат некој на кој му се случило.
Што би направил/а ако се најдеш во ситуација да мораш да купиш книга/скрипта
која професорот ја поставил како услов за добивање на потпис или полагање?
· На ова прашање 44% од испитаните студенти одговориле дека би ја купиле книгата/скриптата и не би го пријавиле професорот, а 21% би го пријавиле професорот, но само доколку тоа е анонимно.
Дали некогаш си одбил да ја купиш книгата/скриптите на професорот иако тоа било поставено како услов за добивање потпис или полагање?
· Високи 58% од испитаните одговориле дека никогаш не одбиле да ја купат книгата односно скриптата на професорот, доколку тоа било поставено како услов за добивање потпис, односно положување на испитот.
Кој може да понуди мито (пари, подароци или услуги) на професорите на твојот факултет?
· На ова прашање 33% од студентите одговориле дека поткуп може да понуди секој кој сака и кој има доволно пари, 32% дека тоа го можат оние кои имаат врски или на кои посредникот односно професорот им веруваат, а само 6% одговориле дека на нивниот факултет е невозможно да се понуди мито.
Ако се најдеш во ситуација да изгубиш година, стипендија, или право на студирање, дали би направил/а нешто од подоленаведеното во обид да ја промениш ситуацијата?
· 19% од испитаниците одговориле дека би побарале фамилијарни, пријателски или политички врски, додека дури 47% велат дека би размислиле за таа можност. 4% би понудиле пари или подароци на професорот или на службено лице, додека 14% би размислиле за таквата можност.
Во која од следниве институции и личности имаш најмногу доверба кога станува збор за пријавување на корупција?
· На ова прашање 21% од студентите изјавиле дека не би пријавиле корупција никаде, додека пак од оние кои би пријавиле случаи на корупција 26% би пријавиле во Антокорупциска комисија. Кај деканот на факултетот би пријавиле 8%, кај Студентскиот парламент на УКИМ 5%, додека во ректоратот би се обратиле 1% од испитаниците.
Истражувањето е спроведено на случаен примерок од 302 студенти, од шест факултети (Машински фаултет, Факултет за електротехника и информациски технологии, Правен факултет, Економски факултет, Филозофски факултет и Филолошки факултет) на УКИМ, во текот на мај 2011.
На прес конференцијата во својство на говорници се појавија Марија Мирчевска, Дона Костуранова, Мартин Алексоски и Петар Димитров кои ги презентираа резултатите. Прес конференцијата беше посетена од страна на претставници на институциите и на граѓанскиот сектор, особено од оние кои работат на полето на борба против корупцијата или пак кои се дел од високото образование со цел да се покрене дискусија меѓу засегнатите страни за спречување на корупцијата во високото образование.
На настанот беше промовирана и публикацијата Пакет за прва помош – Студентски прирачник за истражување на корупцијата во високото образование која е финален производ од повеќегодишните истражувања на оваа тема која има за цел да ги доближи истражувачките алатки до студентите и да поттикне иницијативи за спречување на појавата на корупција.