Студентите за себе: Истражување за студентското (не)организирање

Ни претставува задоволство да ја најавиме прес конференцијата и трибина на која Платформата за студентски плурализам ќе ги презентира резултатите од истражувањето на темa Студентите за себе: Истражување за студентското (не)организирање

Прес конференцијата ќе се одржи на 14.05.2012 со почеток во 12:00 часот во просториите на ГЕМ, во старата скопска чаршија.

Според истражувањето 59% од испитаниците сметаат дека се свесни за проблемите со кои се соочуваат студентите, но немаат механизми како да ги решат. На трибината ќе бидат претставени резулататите кои даваат одговор на прашањата колку од студентите членуваат во студентски организации, колку се запознаени со нивните студентски претставници и областите од студентскиот живот кои сметаат дека се приоритетни.

Панелистите ќе споделат ставови и искуства поврзани со темата на истражувањето и резултатите. Говорници на трибината ќе бидат претставници на дел од организациите-членки на Платформата за студентски плурализам: Мартин Алексоски и Моника Божиновска – Младински образовен форум, Ана Велковска – Европско здружение на студентите по право во Република Македонија (ЕЛСА), Наташа Давчева – Ромаверзитас и Катерина Ѓорѓиевска – Меѓународно здружение за размени на студенти од техничките факултети (ИАЕСТЕ Македонија).

Истражувањето е спроведено од МОФ како дел од активностите на Платформата за студентски плурализам која претставува неформална коалиција на 17 студентски и младински организации. Целта на ПСП е темелна и конечна реформа на постоечкиот систем на студентско организирање преку обезбедување демократска функционалност, транспарентност, вклученост и легитимност на сите организации и групи кои ги застапуваат правата и интересите на студентите во Македонија.

Настанот е отворен за сите заинтересирани посетители.
Повеќе информации на http://www.facebook.com/psp.macedonia

Сподели