На 7ми јуни во просториите на Правниот факултет Јустинјан I се одржа настанот Surveillance 101 во организација на Младински образовен форум и Хаклаб КИКА.
Surveillance 101 обезбеди четири тематски предавања од областа на надзорот: Правна рамка за надзор во РМ, Светски искуства и случаи за надзор; Пристап на МВР до телекомуникациски оператор и Следење на електронски комуникации.
Магдалена Лембовска од Аналитика ја претстави правната рамка во Република Македонија и информациите од нивната нова студија „Надзор на следењето на комуникации во Македонија: Правејќи го невозможното возможно“. Според податоците до кои имаат дојдено преку пристап до информации од јавен карактер, бројот на поднесени барања до Основниот суд Скопје 1 e ист со бројот на одобрени барања во последните пет години, односно нема случаи на одбиени барања.
Елена Костовска од Хаклаб КИКА, со слика од Едвард Сноуден проектирана на ѕидот ја започна својата презентација за случаи кога доколку би имало задржување на податоците следењето на комуникациите би било корисно, но и онакви каде преминува во напад на личната приватност од страна на институциите.
Дамјан Георгиевски од Слободен софтвер Македонија зборуваше воден од своите лични искуства и работа во телекомуникациски оператор и комуникацијата со МВР за поставување на опрема за надзор.
Андреј Трајчевски од Хаклаб КИКА го отвори своето предавање „Колку е лесно да се следат комуникации?“ со практичен пример, каде ги покажа резултатите од неговото следење на онлајн активноста на некои од присутните во предавалната во текот на предавањата.
Целта на целодневната работилница беше да се отвори дискусија за надзорот и да се запознаат присутните со причинте и начините за следење на комуникациите и искуствата во Македонија и странство. Настанот беше организиран во соратбока со Хаклаб КИКА, поддржан преку проектот Младинска ангажираност за социјални промени.
Surveillance 101 e трета целодневна работилница со тематски предавања во одредена област, по Terrorism 101 и Feminism 101.