Светски ден за слободни медиуми

Го истакнуваме правото на слободен пристап до информации на светскиот ден за слободни медиуми! Фондацијата Институт отворено општество- Македонија, Македонското здружение на млади правници и Младинскиот образовен форум го одбележуваат Светскиот ден за слободни медиуми 2010 година, кој оваа година е посветен на слободниот пристап до информациите.

Овој ден, 3 мај, не поттикнува поттикнува повторно да се сетиме на важноста на нашето право да знаеме! Слободниот пристап до информации е принцип, според кој, властите во државата имаат обврска да ги даваат информациите, односно да обезбедуваат пристап до информациите кои ги држат и креираат, на сите заинтересирани кои ги бараат. Правото на слободен пристап до информации е основно право за остварување на другите права за поголема транспарентност, правда и развој на отвореното општество. Ова право заедно со правото на слободно изразување лежи во основата на демократијата. Правото на слободно изразување, слободата на сопствено мислење и примање и пренесување на информации или идеи без било какво мешање на јавната власт е гарантирано во Европската Конвенција за човекови права. Дополнително, Универзалната декларација за човекови права потврдува дека правото на слобода на мислење и изразување во себе ја вклучува и слободата да се застапува одредено мислење без никакво вмешување и да се бараат, да се примаат и да се даваат информации и идеи преку медиумите и без оглед на границите. Во Република Македонија со Уставот се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информациите, а се обезбедува со Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Младинскиот образовен форум, Фондацијата Институт отворено општество – Македонија и Македонското здружение на млади правници и  во изминатите години активно работат на промовирање на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Со одбележување на Светскиот ден на слободните медиуми 2010 сакаме да ви укажеме дека можете да користите бесплатна правна помош преку застапување пред институциите и судовите во остварувањето на ова право. Сметаме дека за новинарите и за медиумите пристапот до информации е од исклучително значење заради пренесување и изнесување на вистината.

Можете да ни се обратите на БЕСПЛАТНИОТ ТЕЛЕФОНСКИ БРОЈ 0800 44 222, како и во новотворената клиника на Правниот факултет Јустинијан први.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: