Во Центарот за балканска соработка Лоја во Тетово вчера се одржа финалниот настан на членовите на Медиа/Арт клубот од Тетово, насловен „Искажи се преку фотографија – дискутирај – најди решение“, по што следеше дебата за проблемите во градот.
На првиот дел од настанот присутните гости имаа можност да ги погледнат фотографиите направени од членовите на клубот, а координаторот на настанот Влатко Змејкоски потенцираше дека фотографиите ја претставуваат реалната состојба во Тетово. Тој потенцираше дека младите од клубот со задоволство работеа на подготовка на изложбата бидејќи свеста кај младите од Тетово зголемува за проблемите кои нив лично ги засегаат и се заинтересирани да изнајдат решение.
Во вториот дел од настанот се отвори дебата со присутните гости за проблемите ко ги засегаат тетовци, а се прикажани преку фотографиите. Уметникот Александар Настески рече дека иако фотографиите навидум немаат некоја естетска вредност, пренесуваат голема и важна порака за тоа каде и како живееме во градот и со кои проблеми се соочуваме. Тој потоа истакна дека локалните институции треба итно да преземат мерки за решавање на проблемите, но и да се подигне свеста кај граѓаните.
Гостите на настанот дадоа предлози како може да се решат проблемите и апелираа до локалната самоуправа и институциите да ги решат горливите проблеми за тетовци.
Главна цел на настанот беше да се прикажат проблемите со кои се соочуваат тетовци и да се отвори дебата за истите и предлог на мерки за надминување на истите. Прикажаните фотографии ги прикажуваа проблемите во Тетово како што се лошата ситуација со парковите Ајдучко маало и Жена парк, состојбата со велосипедските патеки, отпадот во градот, дивата депонија кај фабриката Жито Полог и реката Пена и недостатокот од паркинг-места во градот.
На настанот присуствуваа околу 100 граѓани од Тетово, претставници од невладини организации, политички партии, активисти и претставници од Општина Тетово.