Отворено предавање – Титова Југославија

Младински образовен форум ве поканува на второто отворено предавање на тема „Титова Југославија: Заедницата, телото и половата разлика“ организирано во рамки на Проектот за образовни центри за советување и алумни стипендисти на Фондациите Отворено Општество.
Предавањето ќе се одржи на 28-ми мај 2019 (вторник) со почеток во 18:00 часот во просториите на Јавна Соба, Скопје.

Предавач на ова предавање ќе биде Славчо Димитров. Тој има дипломирано на катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет на УКИМ, Скопје. Магистрира на Родови студии и филозофија на Институтот Евро-Балкан, а потоа на катедрата за Мултидисциплинарни родови студии на Универзитет на Кембриџ. Моментално ја работи својата докторска теза на Факултетот за медиуми и комуникации СИНГИДУНУМ во Белград. Работел како асистент на последипломските родови и културни студии на Универзитетот Евро-Балкан, и на додипломски и последипломски студии на Факултетот за медиуми и комуникации – СИНГИДУНУМ, Белград. Во последните неколку години има координирано голем број на академски проекти и летни школи, како и проекти во областа на човековите права на маргинализираните заедници, со посебен фокус на квир активизмот. Основач е на интернационалната Летна школа за сексуалности, култури и политики. Исто така е еден од основачите на Центарот за истражувања на идентитети, култури и политики, ИПАК. Центар во Белград. Во Коалицијата работи од почетоците на нејзиното основање, како член, како координатор и како директор. Неговиот активистички интерес се однесува на политиките на настраноста (квир политики), сексуалното и родовото граѓанство и еднаквост, правата на маргинализираните заедници и нивното испресекување со прашањата со социјална правда.

За предавањето :
Во рамките на ова предавње Славчо ќе ги претстави резултатите, анализите и отворените прашања кои произлегоа од неговата магистерска теза во Кембриџ. Во предавањето ќе се обиде да ги претстави комплексните биополитички стратегии мобилизирани во процесите на конструкција на обединетото политичко тело на зедницата, и како истите се посредувани преку маскулинистичкото тело на Лидерот во социјалистичка Југославија.
Посебен фокус во рамки на ова предавање ќе има и примената на родовите апарати, како во перформативните изведби на Југословенската заедница во рамки на колективните социјални кореографии, така и во репрезентациите на политичкото тело (body politic). Фокусот ќе биде ставен врз биополитичките механизми со цел да се избегне идеолошки функционалната епистемологија изградена, претежно, во рамки на националистичките ревизионистички историографии, и од страна на “Западните” набљудувачи, а кои кои го редуцираат знаењето што го имаме за социјалистичката политичка историја и механизми на општата идеја за тоталитаризам и насилство. За целите на ова истражување е спроведено архивско истражување со фокус на масовните јавни кореографии и прослави на роденденот на Јосип Броз Тито – 25-ти мај- Денот на младоста.
Во рамки на предавањето Славчо ќе се обиде да ги покаже телесните и емоционални механизми кои беа применувани во масовните кореографии со цел да се перформира идеалот на заедницата, а преку кои телото на маскулинистичкиот Лидер се вкотвува како централен унифицирачки означител. Славчо ќе тврди дека биополитичкиот модел што го оркестрира хегемониското воспставување и репрезентација на социјалистичката заедница е заснован на Фаличка имагинација која го привилегира Едното наспроти мноштвото, единството наспроти телесниот диверзитет, фетишистичка абстракција наспроти материјален мултиплицитет.

Изборното предавање е организирано во рамки на Проектот за образовни центри за советување и алумни стипендисти на Фондациите Отворено Општество.

Целта е алумни стипендистите, преку своето стекнато знаење на различни престижни универзитети и факултети, да придонесат кон развој на општествениот дискурс помеѓу младите во државата, преку нивно информирање за релевантни општествени теми.
Ова предавање е второто изборно предавање од циклус предавањата организирани од страна на Младински образовен форум. Во текот на месеците мај– јули, МОФ ќе организира уште 3 предавања поврзани со различни општествено релевантни тематики.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: