Потребно е ново средношколско организирање за идни активни граѓани
Ученици и професори дискутираа за подобрување на ученичкото организирање преку законот за средно образование
Денес, 14 декември 2018, во Хотел Солун се одржа тркалезната маса „Средношколско учество помеѓу теорија и пракса”. На настанот организиран од Младински образовен форум (МОФ) во соработка со Коалиција на младински организации СЕГА, Првата детска амбасада во светот Меѓаши и со поддршка од Фондација Песталоци учествуваа 30 учесници и професори од различни училишта, кои дискутираа како да се обезбеди квалитетно средношколско организирање.
На тркалезната маса се разговараше за предностите од средношколското учество. Булингот, училишното насилство, третманот кон ученикот, условите и екологијата во училиштето беа најголемите проблеми кои учениците ги издвоија. Истовремено, кажаа дека тие самите се трудат да направат дебати со соучениците, акции, едукативни фестивали и други настани, кои би ги имало многу повеќе кога учениците би имале посериозна поддршка.
Средношколското организирање не е пропишано во Законот за средно образование, и единствено е утврдено во статутите на училиштата. Иако во пракса постојат средношколски заедници во многу училишта, во многу малку од нив имаат значајна улога.
Пратеничката Ивана Туфегџиќ од Собранискиот Клуб за младински прашања и политики, кажа: „Со дискусија за средношколското организирање, треба да одговориме на прашањата каде сакаме да биде следната генерација? Дали сакаме граѓани кои ќе молчат и ќе бидат незаинтересирани да делуваат, или сакаме граѓани кои ќе влијаат на секое прашање?“
Катерина Конеска од Првата детска амбасада во светот Меѓаши посочи дека во Собранието и институциите понекогаш се говори за детските права, но почесто на индиректен начин. „Со отворање на Законот за средно образование институциите ќе говорат повеќе“, кажа таа.
Мартин Лазаревски од МОФ кажа дека важно е да се направат законски измени за да се гарантира дека во секое училиште учениците ќе бидат чуени и ќе може да направат промена.
Дел од ученичките ги споделија своите искуства во училиштата:
„Немаат сите училишта функционални заедници, некои ги немаат ни воопшто, па и да сакаме не може да воспоставиме соработка меѓу средношколците од различните училишта“ кажа еден средношколец. Дел од учениците споделија одлични иницијативи кои ги реализирале: креативни фестивали, дебати, активности за поттикнување на другите ученици – но посакуваат да ги има повеќе и да имаат сите поддршка да ги пренесуваат своите пораки. Учениците имаат многу прашања кои сакаат да ги решат: намалување на булингот и насилството, добивање еднаков третман од наставниците, еко-училишта, вон-школски активности осмислени од нив, и сакаат повеќе простор да работат на тоа.
На двата линкови подолу може да се најдат документите поврзани со иницијативата за средношколско организирање:
Предлог измени на Закон за средно образование
Предлог Правилник за средношколска заедница