Во текот на минатиот викенд (27-29 септември) дебатните тренери на Младински образовен форум одржаа тридневен тренинг за дебатни тренери на тренерите од Софиската дебатна асоцијација [SDA].
Марија Мирчевска, Лазар Поп Иванов, Катерина Васковска, Стефан Ристовски и Кристина Стојчиќ, беа тренерите од МОФ кои целосно го подготвија и одржаа тренингот за тренери на кој учество земаа студенти дебатери, дебатни предавачи и наставници кои водат дебатни клубови во повеќе градови во Бугарија.
Целта на тренингот беше да се разменат искуства помеѓу тренерите од МОФ и СДА во поглед на менаџирање на мрежа на дебатните клубови, менторирање на дебатни клубови и да се пренесат искуствата од повеќегодишната работа на тренерите на МОФ во поглед на креирање на годишен план за работа и развивање на соодветна методологија на предавање. Дополнително, тренерите од МОФ им ги пренесоа своите знаењата на тренерите од СДА во однос на теорија на дебата, аргументација и побивање, како и правилата на дебатирање во форматите кои ги практикува МОФ.
СДА е дебатна организација основана во 2011 година чија основна цел е преку дебата да промовира активно граѓанство и критичко размислување помеѓу младите во Бугарија.
Тренингот се одржа во населеното место Банкја, близу Софија. Тренингот беше реализиран во рамките на проектот „Бугарска дебатна мрежа“ поддржан од „Америка за Бугарија“ и Фондација ИДЕА Југоисточна Европа [IDEA SEE].