На 07 декември (понеделник) 2015 година со почеток во 13:00 часот во просториите на Фондација „Фокус“ во Велес ќе се одржи трибина за презентирање и запознавање со работата на Советодавниот сервис за права на млади (www.mof.mk/servismladi).
Овој настан е организиран од страна на Младински образовен форум и е со поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско општество.
На оваа трибина ќе се презентира микро-сајтот кој функционира во рамките на www.mof.mk, како и алатката „Постави прашање“, наменета за средношколците, студентите и младите преку која овие групи на млади граѓани можат да постават прашање и да се обратат до Сервисот со цел да добијат помош и насоки во справувањето со секојдневните локални и административни проблеми во рамките на својата локална заедница, државните и образовните институции.
Ќе се презентираат брошурите „Средношколски дилеми и проблеми“ и „Студентски дилеми и проблеми“ изработени во рамките на проектот „Советодавен сервис за права на млади“ и ќе бидат поделени примероци помеѓу присутните.
Тука ќе бидат претставени и конкретни случаи кои биле упатени до Советодавниот сервис и по кои истиот постапувал.
На крајот на трибината сите присутни гости ќе имаат прилика и можност да постават прашања до Советодавниот сервис и да добијат одговор на своите прашања и барања во рок од 7 дена од тимот на овој Сервис. Целта е младите да се инспирираат и охрабрат да поставуваат повеќе прашања кои би воделе кон остварување на своите права.