На 24 јуни (вторник) со почеток во 13:00 часот во просториите на Американското Катче во Битола ќе се одржи трибина посветена на проблемите со кои се соочуваат студентите и ќе биде промовирана брошурата „Студентски дилеми и проблеми“.
Трибината ја организира МОФ на тема – „Со какви проблеми се соочуваат студентите?“, на која ќе се дискутира за проблемите, правата на студентите и кои се механизмите за заштита на нивните права во случај на повреда.
Оваа трибина е четврта по ред трибина организирана во рамки на проектот „Советодавен сервис за права на млади“ со цел да се покрене дискусија за проблемите со кои се соочуваат средношколците и студентите. Претходните три трибини беа одржани во Американското Катче во Скопје, Струга и Тетово на кои се промовираше микросајтот mof.mk/servismladi и сервисот за информирање и советување на младите и брошурата „Средношколски дилеми и проблеми“. На оваа трибина за прв пат ќе се промовира брошурата за права на студенти „Студентски дилеми и проблеми“ и ќе се дискутира за правата на студентите, каде да се обратат во случај на повреда и кој е надлежен да одлучува. Говорници на трибината ќе бидат членови советодавниот сервис за права на млади, авторите на брошурата и поранешниот студентски правобранител Никола Главинче.
Брошурата која ќе биде промовирана на оваа трибина е посветена на прашањата кои ги поставуваат студентите, во нејзе ќе можат да најдат одговор на прашања кои се однесуваат на почетокот на студирањето и стекнувањето на статусот студент, правото на студирање, институциите кои се надлежни да одлучуваат за правата на студентите, студентскиот стандард, правото на престој во студентските домови, па сè до добивање на оценките и квалитетот на наставата.
На трибината поканети се да присуствуваат сите студенти, идни студенти кои сакаат да дознаат повеќе за своите права, како и родители, професори и сите активни чинители во високото образование.