[трибина] Со какви проблеми се соочуваат средношколците

На 5 јуни 2013 година со почеток во 13:00 часот во просториите на Американското Катче во Струга се одржа трибина на тема „Со какви проблеми се соочуваат средношколците?“ Оваа трибина е втора по ред во рамки на проектот „Советодавен сервис за права на млади“ кој го спроведува Младински образовен форум, поддржан од страна на Амбасадата на САД во Скопје. На трибината беше промовирана брошурата „Средношколски дилеми и проблеми“ , која е изработена во рамки на проектот со цел средношколците да бидат подобро запознаени со нивните слободи и права и начинот како истите да ги остварат. Исто така беше промовиран и микро сајтот преку кој младите можат да се обратат до сервисот за права на млади со цел да побараат одговор на своите прашања и проблеми. Говорници на трибината беа Кристина Митрова координатор на проектот, Катерина Василеска ко-автор на брошурата „Средношколски дилеми и проблеми“, Едлира Купа претседател на генерацијата од четврта година од СОУ „Др.Ибрахим Темо“ во Струга и Златка Кувенџиеска член на Учиме право клубот во Струга.

Кристина Митрова ги презентираше пред публиката прашањата кои досега се поставени од страна на средношколци до советодавниот сервис за права на млади и објасни како проектниот тим постапувал во конкретните случаи и како одговорил на прашањата. Ги повика и охрабри средношколците да не бидат пасивни и да се залагаат за остварување на своите права.

Според Едлира Купа „Еден добар педагог не е само тој што знае да предава, туку тој што знае да оценува и да го разбере ученикот во разни ситуации. Мојата препорака до сите соученици е дека тие имаат многу права и не треба да се плашат да се спротивстават. Ако ние не зборуваме за нашите права кој ќе зборува?“
Златка Кувенџиеска зборувајќи за практикувањето на правата како предизвик за средношколците рече „Стравот дека ќе бидеме загрозени е она што не спречува ние да покренеме иницијатива и да си го оствариме своето право“.
Следната трибина на која повторно ќе се дискутира за тоа со какви проблеми се соочуваат средношколците ќе се одржи на 9ти јуни со почеток во 12:00 часот во просториите на Американското Катче во Тетово.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: