[трибина] Средношколски дилеми и проблеми – Со какви проблеми се соочуваат средношколците во Тетово?

На 9ти јуни со почеток во 12:00 часот во просториите на Американското Катче во Тетово се оддржа третата по ред трибина на која се дискутираше за проблемите со кои се соочуваат средношколците. На трибината во Тетово се промовираше брошурата „Средношколски дилеми и проблеми“ изработена во рамки на проектот Советодавен сервис за права на млади кој го спроведува Младински образовен форум а истиот е поддржан од страна на Амбасадата на САД во Скопје. Говорници на трибината покрај координаторот на проектот и ко-авторот на брошурата, беа и професорката Блерта Весели од Средното економско училиште „8-ми Септември“ – Тетово, како и Алејна Синани, претседател на клас во училиштето.

Кристина Митрова како координатор на проектот на присутните им го презентираше микро сајтот и начинот како да постават прашање до тимот од млади правници, за да го остварат своето право или да добијат одговор на своите дилеми.

Катерина Василеска, еден од авторите на брошурата зборуваше за инспирацијата за оваа брошура која ја добила како предавач во рамки на програмата Учиме право при Младински образовен форум во средните училишта во Скопје. „Заедно со другиот автор се обидовме во оваа брошура да го опфатиме сè она што за кое мислевме дека може да им помогне на средношколците. Идеите се црпеа од нивните прашања и проблеми со кои се соочуваат за време на нивното школување“, рече Василеска.

Професорката Весели им зборуваше на присутните за активностите кои се одвиваат во училиштето, органите во рамки на училиштето и посочи неколку случаи каде што средношколци покренале постапка за остварување на свое право и истото го оствариле. Професорката Весели, ги охрабри средношколците да бидат активни и да се залагаат за остварување на своите права. Таа збо рувајќи и за начинот на кој средношколците треба да ги остваруваат своите права рече „Однесувањето и дисциплината на учениците во училиштето е исто така важна компонента која има едукативен карактер и е важна за нивото на развивање на персоналитетот на ученикот и директно се рефлектира на средношколското делување

Алејна Синани од свое искуство како претседател на клас зборуваше за улогата на претседателот на класот и за особено важните задачи кои ги има претседателот на класот. Зборувајќи за улогата на претседателот на класот, забележа „Улогата на претседателот на класот во праксата не е онаква како што ја среќаваме во теоријата“.

На крајот, присутните средношколци имаа можност да постават прашање до говорниците но и да споделат некои од проблемите со кои се соочуваат. Еден од присутните ученици зборувајќи за некои од проблемите што ги имаат средношколците заклучи „Имаме слобода на изразување, да, но каде е „обврската за слушање“? Тој додаде дека кога средношколците бараат остварување на некое свое право, другата страна не смее да остане глува на нивните барања и да постапува во насока на остварување на истите.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: