Младински образовен форум ве поканува да присуствувате на тркалезна маса на тема “Насилство помеѓу учениците од средно училиште“. Тркалезната маса ќе се одржи на 02.12.2014 во 11:00 часот во хотел Holiday Inn. Овој настан е резултат од истражувањето на тема “Насилство помеѓу средношколците во етнички хомогени и хетерогени средини “ кое го спроведе Младински образовен форум, во периодот од февруари до април 2014, на популација од 2476 испитаници.
Истиот има за цел да развие дискусија помеѓу засегнатите страни како и да придонесе кон унапредување на политиките кои го регулираат прашањето за превенција и справување со насилството помеѓу младите во Македонија.
Прашањата кои им беа поставени на средношколците се однесуваа на тоа дали тие се чувствуваат безбедно во училиштата, колку нивните врсници носат со себе оружје и нивното искуство со насилство, како и дали постои разлика помеѓу хомогени и хетерогени училишта.
Како илустрација, дел од резултатите од истражувањето велат дека 19,6 % од сите испитани ученици имале „физичка пресметка“ со некого во изминатите 30 дена, 25% некого „турнале или мавнале шамар“. На самиот настан ќе бидат презентирани сите наоди и целосната анализа на истражувањето.
На настанот ќе се обратат: Моника Божиноска – Младински образовен форум, Елена Ивановска – Раководител на сектор за основно и средно образование при МОН, Нора Шабани – UNICEF, Народен правобранител, Ана Поп Ризова – Психолог и Шаип Зендели – Директор на средно училиште “Цветан Димов“.