По повод вчерашните објавени резултати од екстерното тестирање за учениците во основните училишта од 4то до 7мо одделение, Младински образовен форум ги потсетува основците и нивните родители за можностите кои им се на располагање доколку се незадоволни од добиените резултати од екстерното оценување кое се спроведуваше изминатиов месец.
МОФ потсетува на законската можност за поднесување приговор која им е на располагање на учениците и нивните родители кои сметаат дека на некој начин биле обесправени во оценувањето. Со поднесување на овој приговор, ќе може да се изврши увид во тестот, по што доколку приговорот е основан би можело да се интервенира во неговата оценка.
МОФ ги повикува учениците и родителите приговорите да ги доставуваат до Училишната испитна комисија и до Државниот испитен центар, без разлика дали тие се однесуваат на оценката од екстерното тестирање или на нерегуларности и технички пропусти при спроведувањето на тестирањето.
Постапката за поднесување на приговор, како и предлог формулар за приговор, можете да најдете на следниот линк: http://www.mof.mk/kako-da-napishete-prigovor-na-otsenkata-od-eksterno-testirane/
Екстерното тестирање кај учениците од основните и средните училишта беше проследено со бројни нерегуларности од законски и технички карактер за кои Младински образовен форум во јавноста презентираше анализа и препораки до надлежните институции и побара оваа година тестирањето да се прогласи за пилот.
Повторно ги повикуваме Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Државниот испитен центар да не ги игнорираат законските и техничките проблеми кои ја следеа реализацијата на екстерното тестирање оваа година и да го прогласат ова тестирање за пилот. Со ваквата одлука, при такви законски и технички пропусти, нема да бидат оштетени ниту учениците, ниту професорите, а надлежните ќе имаат можност во периодот кој следи извршат корекции и унапредување на поставените цели, системот на спроведувње и техничките ресурси, со единствена цел подобрување на образовниот процес и унапредување на знаењата и перформансите кај учениците, односно професорите.