Училиштата потфрлија на тестот за вклученост на учениците во процесите на одлучувањe

Резултати од истражувањето за средношколско организирање и учество во Македонија

Младински образовен форум (МОФ), денеска, 28ми јануари 2013 година, ги презентираше резултатите од истражувањето на тема “Средношколско организирање и учество во Република Македонија”. Преку истражувањето беа испитани 54 средни училишта и 155 ученици од 14 градови во Македонија, преку реализација на 18 фокус групи и испраќање 270 прашања со алатката “слободен пристап до информации од јавен карактер”.

Резултатите покажаа дека не постои унифициран систем на средношколско организирање во училиштата во државата и дека учениците се организирани преку различни облици и нивоа, но заедничко за сите училишта е што средношколците не учествуваат во процесите на одлучувања и не се застапени во органите на училиштата.

При истражувањето на начините на избор на претседатели на класови и генерации, се забележува дека училиштата, претставени преку класните раководители, поставуваат строги и дикриминаторски услови, дозволувајќи им само на редовните, дисциплираните, примерните и учениците со солиден успех да можат да ги застапуваат своите соученици. Од одговорите на учениците се забележува дека класниот раководител има големо влијание врз изборот на претседател на клас, преку предлагање листа од избрани кандидати или преку презентација на профил на ученик кој заслужува да биде претседател. Сеуште постојат училишта во кои изборот на претседател на клас го врши класниот раководител, со што на учениците директно им се одзема правото да одлучуваат кој ќе ги претставува.

“Најчесто само во прва и втора година, професорите им дозволуваат на учениците сами да си бираат претседател на клас, а потоа откако ќе ги запознаат сите ученици подобро, тие самите го прават тоа“ – изјава од еден од учесниците на фокус групите;

Средношколците лоцираат низа проблеми во воспитно-образовните процеси во училиштата, а најмногу ги издвојуваат квалитетот на настава, комуникацијата професор-ученик, оценувањето, комуникацијата со стручните служби и со претставниците на учениците, меѓуетничките конфликти и инфраструктурата во училиштата.

И покрај тоа што учениците се свесни за проблемите, сепак училиштата ги консултираат само за помалку важни прашања, како на пример организирањето екскурзии и матурски прослави. Учениците сметаат дека не можат да влијаат за решавање на суштинските проблеми бидејќи тоа зависи директно од волјата на професорите и управите во училиштата. Сметаат дека немаат авторитет, нивниот глас не е слушнат и не е почитуван од надлежните, односно не можат да влијаат за промени. Дополнително, средношколците не се интересираат за своите права и не преземаат иницијативи, од страв да не бидат погрешно разбрани од професорите и управите и тоа да не се одрази негативно врз нивниот успех и поведение.

Дел од проблемот, средношколците го лоцираат и кај своите родители, кои ретко им даваат поддршка за нивните иницијативи.

“Еднаш се собравме 6 класа, ни беше ладно и избегавме. Добивме по 5 неоправдани. После тоа, се собраа родителите и зборуваа за тоа. Рековме дека ни е ладно. Ни рекоа ако ви е ладно облечете јакни и толку. Затоа некој и да сака нешто да направи, нема да направи“. – изјава од еден од учесниците на фокус групите;

Учениците и училиштата не препознаваат средношколско организирање на национално ниво. Последните јавни активности на Унијата на средношколци на Македонија и на Средношколската унија на Македонија се забележани во 2008 и 2009 година, преку оградување од протестите против воведувањето државна матура и преку приклучување кон протестите кои студентите ги организираа пред Европската комисија во Скопје, а против одложувањето на датумот за почеток на преговори за членство на Македонија во Европската Унија. Според одговорите од училиштата, од 45 испитани училишта, само едно има претставник во ова национално организирање на средношколците.

Разгледувајќи ја ваквата состојба на средношколското организирање во Македонија, МОФ изработи низа препораки упатени до Министерството за образование и наука, училиштата, професорите, учениците, родителите, локалните самоуправи и младинските организации. Во една од препораките се потенцира потребата од измени на Законот за средно образование и статутите на образовните институции, со што ќе се гарантира учество на учениците во органите на одлучување во училиштата.

Сподели

Please enter an Access Token on the Instagram Feed plugin Settings page.