Минатиот викенд на 03,04 и 05 Април 2015 година во х. Белведере, охрид се одржа традиционалниот годишен настан на програмата Учиме право- „ЕУ викенд“.
На овој тридневен настан присуствуваа 60тина средношколци од Учиме право клубовите низ Република Македонија (Скопје, Кичево, Струга, Битола, Велес, Куманово, Гевгелија).
Концептот на овој настан предвидува предавања за Европската Унија, поконкретно за начинот на кој функционира и нејзиниот развиток низ годините, брановите на проширување, институциите на ЕУ и политиките кои тие ги спроведуваат, предизвиците и заканите на ЕУ како и една посебна сесија за досегашниот евроинтеграциски пат на Република Македонија. Во рамките на овој настан се одржаа три гостински предавања од страна на претставник од „Дирекцијата за заштита на лични податоци“.
Настанот заврши со симулација на работата на Европскиот совет, во кој делегатите на сите држави членки (шефови на држави и влади) расправаа за прашањето за прием на Република Турција во ЕУ. На крајот од симулацијата се спроведе гласање при што со 21 гласови „ЗА“ и 7 гласови „против“ се одлучи Турција да не влезе во ЕУ бидејки за одобрување на влез во Унијата потребно е сите држави да гласаат „ЗА“.
Сесиите се водеа од страна на предавачите по Учиме право, кои се обидоа на еден неформален и интерактивен начин да го пренесат своето знаење на младите средношколци.
На овогодинешниот ЕУ викенд присуствуваа и 15 членови од напредните клубови во Скопје и Битола, меѓутоа тие слушаа предавања за организација на настани.
Покрај тоа што се стекнаа со нови знаења, средношколците се запознаа, дружеа и забавуваа со нивни врсници од цела Македонија.