Вчера, 28.02.2021, се одржа првото отворено предавање од четирите отворени предавања кои се дел од проектот „Младински претприемачки вештини“.
Првото предавање беше со наслов „Technology and innovation“, а предавач беше успешната претприемачка Анита Кирковска.
Целта на проектот е да обезбеди неформално образование на средношколци од Гостивар, Охрид и Штип од областа на претприемништвото и да им обезбеди можност за стекнување практично искуство во приватниот бизнис сектор преку поврзување на младите и училиштата со бизнис секторот од нивната локална заедница.
За да се обезбеди навистина квалитетна програма за членовите на клубовите, во креирањето на курикулумот беа ангажирани повеќе експерти од областа на претприемништвото, како и членови на бизнис заедниците и истиот беше споделен и со училишта и стопанските комори на Северна Македонија и САД.
Како предавачи во овие клубови се јавуваат македонски експерти, искусни претприемачи кои долго време работат во ова поле и нивните резултати се видливи и препознатливи во нашето секојдневие.
Анита Кирковска работи со стартапи во нашата држава и САД на полето на маркетинг и product development. Таа е основач на IT компанија и една од креаторите на Ampstore – веб дизајн алатка за веб страни.
До сега, членовите на клубовите, работеа и со психологот Сања Стефановиќ со цел разработување на темите „Емоционална интелигенција, тимска работа и лидерство“, а „Вовед во претприемништво“ добија од Бојана Низамовска, која повеќе од 10 години работи на неформална едукација на млади.
Оваа сабота членовите продолжуваат со второто предавање, и тоа „Јавно презентирање и пичинг“, за што ќе им зборува Горјан Јовановски кој е добро познат на јавноста по неговата апликација „Мој воздух“.
Млади претприемачи, се гледаме во сабота, а останатите, следете ги нашите социјални мрежи и пријавете се на следното отворено предавање.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.