Започнува новата Активност на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, чија цел е да се поддржат младите да станат успешни и самостојни, за да придонесат за нивните заедници и подобра иднина во земјава. Петгодишната Активност ќе им обезбеди економски можности на младите, ќе ги зајакне нивните вештини за работа, напредок во кариерата и граѓанско учество, а ќе промовира и вредности и искуства кои ќе им помогнат да станат понезависни. Работејќи со младите, за младите, УСАИД има за цел да ја поттикне следната генерација лидери да придонесе за напредок.
„Многу компании се соочуваат со предизвици во привлекувањето квалификувани млади, додека младите не можат да најдат работа што ги исполнува нивните очекувања. Ќе работиме заедно со компаниите и институциите за да им помогнеме на младите да најдат привлечни можности за вработување во растечките индустрии, а исто така ќе им помогнеме на бизнисите да привлечат квалификувани млади, со што ќе останат конкурентни и ќе напредуваат“, рече Небојша Мојсоски, раководител на Активноста.
Активноста ќе им овозможи на младите луѓе пристап до иновативни програми за обука, пракса и кариерно советување, опремувајќи ги со соодветни вештини за пазарот на труд.
„Намалувањето на невработеноста кај младите е еден од нашите стратешки приоритети, кој е клучен за градење на посилно, поинклузивно општество“, истакна Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика. „Отворени сме за соработка за проекти како овој поддржан од УСАИД за да им обезбедиме на младите можности да ги стекнат потребните вештини и искуство, да се вработат и да дадат значаен придонес за растот и развојот на нашата економија. Со зајакнување на младите и инвестирање во нивниот потенцијал, имаме за цел да создадеме попросперитетна иднина за сите“.
Исто така, преку оваа Активност ќе поддржиме партнерства со младински групи, бизниси, локална и централна власт, и ќе обезбедиме грантови преку кои ќе промовираме креативни настани предводени од младите, иновации, развој на специфични вештини за кариери и активно граѓанство, истражувачка работа, одговорност, етичност и интегритет. Во текот на петгодишниот период, ќе работиме со 10.000 млади во земјава. Активноста ја спроведува Унапредување на економиите за посилни заедници, американска непрофитна организација, во партнерство со Центарот за развој на менаџери и претприемачи (CEED Hub) Скопје и Младинскиот образовен форум.