Членовите во клубот за демократско учество во средното училиште „Орце Николов“ во Скопје организираа и спроведоа младинска акција за поставување на паркинг за велосипеди во училишниот двор.
Во текот на минатите неколку месеци, средношколци од СУГС „Орце Николов“ активно учествуваа во младинскиот клуб за демократија, кој програмата успешно ја затвори со младинска иницијатива за олеснување на ученичкото секојдневие.
Идејата за акцијата потекна од желбата на младите да ја промовираат велосипедската култура меѓу своите соученици но и нивната реална потреба поради недостатокот од места за паркирање на велосипеди во дворот во училиштето. Имено, учениците во средното училиште Орце Николов како едно од примарните превозни средства за пристигнување на училиште го користат велосипедот. Според анкетата која ја спроведоа членовите на Клубот за демократско учество, повеќе од 27% од учениците во училиштето доаѓаат на училиште со велосипед. Но, за жал училиштето не располагаше со доволно паркинзи за велосипеди во дворот, во кој учениците ќе можат безбедно да ги паркираат истите.
Со цел да одговорат на оваа потреба учениците пристапија кон надлежните институции со барање за дозвола за поставување на паркинг за велосипеди. Процесот на застапување кој се одвиваше во текот на летниот период произлезе од знаењето кое членовите го стекнаа за време на своите предавања во клубот за демократско учество. Предавања опфатија теми од областа на демократија, човекови права, форми на младинско организирање, активизам и застапување.
Клубот за демократско учество е организиран од Младински образовен форум во склоп на проектот Зајакнување на демократски компетенции. Активноста е поддржана од Фондацијата за демократија Вестминстер преку Иницијативата за демократија на Вестминстер поддржана од Владата на Велика Британија.