На 10 декември пред 63 години Генералното Собрание на ООН во Њу Јорк ја усвои и прогласи Универзалната Декларација за човековите права (УДЧП) со што за прв пат во историјата беше пратена глобална и јасна порака за универзалната важност на заштитата и остварувањето на правата на луѓето насекаде и подеднакво за сите. Оттогаш наваму секоја година низ светот заштитниците и промоторите на човековите права го прославуваат овој ден и потсетуваат на суштината и содржината на правата и слободите во животот на секој човек.
Младински образовен форум (МОФ) е младинска граѓанска организација која повеќе од 12 години се залага и активно работи на вредностите како што се дебата во демократско општество, култура на дијалог и толеранција, владеење на правото и заштита на човековите права, младински активизам и слободоумно размислување и изразување. Затоа, МОФ реши оваа година на Меѓународниот ден на човековите права да повика на внимание во јавноста за важноста и значењето на слободата на изразување како најактуелно и најсуштинско прашање од областа на човековите права денес во нашето општество.
Загрижени од општата состојба во нашето општество кое изобилува со говор на омраза и недостаток на дијалог и слободно изразување, но исто така и инспирирани од силната порака на светскиот просветителски мислител Волтер кој вели “можеби не се согласувам со тоа што го кажуваш, но ќе се борам до крајот на животот за твоето право да го кажеш тоа”, и ироничната порака на нашиот голем поет Кочо Рацин во неговата „Елегии за тебе“ која вели “уста пуста затворете, да не каже дека боли”, сакаме на јавноста да и укажеме на важноста на слободното размислување и изразување на сопствените ставови за одржување на демократијата.
Слободното изразување во сите сфери на општеството (помеѓу граѓанските организации, помеѓу младите, во политичкиот живот, во институциите во бизнисот и најважно во медиумите) претставува кислород за демократското живеење без кој целиот поредок не може да се нарече ниту современ ниту демократски. Слободната размена на идеи помеѓу слободни луѓе е клучот за формирање на пазар на идеи меѓу кои се препознаваат и анализираат различните ставови и концепти.
Различните ставови се основа за формирање на категориите на мнозинство и малцинство во едно општество и тоа не само по етничка туку уште повеќе по идеолошка или некоја друга основа. Но, слободното изразување и толеранцијата на различните мислења, во такви услови, претставува сигурносен вентил преку кој се изнесуваат вистинските и потенцијалните „фрустрации“ на оние поединци и групи кои не се согласуваат со моменталните општествени сиутации кои можат да им предизвикаат општествени фрустрации. Преку слободното изразување во својата средина и во медиумите овие фактори имаат можност да критикуваат и предлагаат решенија за општеството. На тој начин се амортизираат потенцијалните нивни агресивни и насилни реакции, а судирот на концепти станува нормална состојба на разменети ставови во јавниот дискурс наспроти агресија и омраза. Затоа МОФ порачува дека критиката е секогаш поздрава опција од насилството.
Слободата на изразување и комуникација во јавноста се уреден меѓународен стандард кој ги разликува демократските од авторитарните општества, а Република Македонија со својот Устав ги уредува и гарантира слободата на мисла, говор и комуникација. За крај на ова обраќање ги цитираме клучните членови од УДЧП и од Уставот на РМ кои ги уредуваат овие прашања за подсетиме за содржината и значајноста на слободата на изразување, но и за да ги поттикнеме сите луѓе во Македонија слободно да говорат и да размислуваат секој ден, а не само денес, на 10 декемри, Меѓународниот ден на човекови права.
Член 19 од Универзална декларација за човекови права на ООН:
„Секој има право на мислење и на негово изразување. Ова право ја вклучува слободата да се држи/има мислење без надворешно мешање и право да се бараат, примаат и предаваат информации и идеи преку каков било медиум и без оглед на границите“.
Член 16 од Уставот на Република Македонија:
„Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање… Цензурата е забранета“.
Младински образовен форум ви го честита 10ти декември, Меѓународниот ден на човекови права