Колумна на Ана Бојаџиевска,
Младински образовен форум
Неодамна, Младински образовен форум започна со имплементација на Проектот за младинска независност кој има за цел да придонесе кон финаниска, политичка и културна независност на младите во Република Македонија, преку поддршка за вработување и поддршка за развој на младински активизам. Високиот интерес за активности од ваков тип ни укажа на потребата за потемелна анализа за состојбите на младинската невработенот и решенијата кои ги нудат релевантните институции.
Каква е моменталната состојба на невработеност кај младите?
Според податоците од Заводот за Статистика на РМ за 2009 година стапката на невработеност кај младите во Македонија, на возраст од 15-19 години изнсува 61%, додека младите од 20-24 години и оние од 25-29 имаат стапка на невработеност од 54% и 37.7 % соодветно. Во споредба со ЕУ-27 каде невработеноста помеѓу младите од 15-24 години изнесува 20.1 %, ваквата состојба е крајно загрижувачка. Квалитетот на работните места и примањата се исто така загрижувачки. 26% од вработените млади бараат нова работа, најчесто поради сезонскиот и привремен карактер на нивната работа, несоодветноста на работното место за квалификациите кои ги поседуваат, или ниските примања. Младите се особено чуствителна група во поглед на невработениста бидејќи недостатокот на пристојна работа во рана возраст, се заканува да ја компромитира иднината и можностите за вработување на една индивидуа воопшто. Постои закана од социјална исклученост, па дури и деликвентни појави. Истото е на штета на индивидуата, семејството и целото општество кое го сноси трошокот на младите луѓе кои не придонесуваат за економијата, туку претставуваат зависна група. Стапката на зависност на младите во Македонија изнесува приближно 30%. Истражувањето на Младински образовен форум кое беше спроведено во тековната година во 14 градови во РМ и треба да биде објавено наскоро, посочува дека економијата и недостатокот на работни места е проблемот кој најмногу ги загрижува младите и дека голем дел од младите би сакале или планираат да го напуштат своето место на живеење, па и државата. Ваквите состојби придонесуваат кон одлив на мозоци, и претставуваат закана за конкурентноста на нашата економија. Загрижувачките податоци за невработеноста кај младите се рефлексија на севкупната економска состојба и состојбите на пазарот на труд. Но исто така, истите се приказ на долгодишната негрижа за младите од страна на институциите.
Што е потребно за на младите да им се олесни проодноста кон пазарот на труд?
Квалитетот на образовниот систем и понудата на практични вештини се тесно поврзани со потенцијалот за наоѓање работа по завршувањето на адекватните образовни степени. Оттука, потребен е образовен систем кој ќе ги подготви младите за првото вработување нудејќи им практични вештини. Потребна е квалитетна и сеопфатна понуда на неформално образование и тренинг кое ќе го надополни формалното, и уште попотребна е рамка за признавање на кфалификациите стекнати преку ваквиот тип на образование. Денес понудата на неформално образование и тренинг е ограничена во рамки на НВО секторот и истата зависи од финансиите достапни преку надворешни организации и фондации. Само 2.3 % од младите луѓе на возраст од 19-29 години биле вклучени во образовни активности надвор од формалниот образовен систем. Уште позагрижувачи е што ваквите активности остануваат непризнаени на пазарот на труд. Дополнително, потребна е соработка помеѓу образовните институции и работодавците на пазарот на труд и програми за стекнување практични искуства во институции и компании. Неопходна е законска рамка која ќе ги поттикне компаниите да вработуваат млади луѓе, како на пример политики за намалување на придонесите за платите на млади кадри. Понатаму, потребни се програми за развој на претприемништво кај младите и олеснет пристап до финасии за започнување на сопствен бизнис.
Што прават одговорните институции во поглед на ова прашање?
Овие прашања во Македонија за жал веќе предолго се игнорираат. Во Репупблика Македонија засебна стратегија за вработување на млади не постои. Документите кои барем делумно ги допираат овие прашања се едноставно процерура за задоволувње на “Европската агенда“ на нашите влади и не придонесуваат за подобрување на состојбите. Во 2005-та Владата на РМ усвои Национална стратегија за млади која беше подготвена од страна на Агенцијата за млади и спорт. За жал оваа стратегија воопшто и не допре некои од клучните гореспоменати прашања кои ги засегаат образовниот процес и пазарот на трудот. За развој на Акционен план за имплементација, следење и евалуација на истата требаше да се погрижи Национален комитет составен од претставници на релевантините министерства и претставници на младински здруженија. До денес, документ кој покажува дали и каков резултат произлезе од оваа стратегија не постои, или барем не е достапен за поширокта јавност. Една од причините за истото е веројатно фактот дека на релевантните фактори им беа потребни “само“ 4 години за да го изработат првиот акционен план за спроведување на истата. Подготовката на славниот Акционен план за имплементација на Националната стратегија за млади на Република Македонија започнува дури во Август 2007, за документот да биде конечно достапен во Април 2009. Притоа, Акциониот план се однесува на само една година (2009). За импементација на сериозен документ каков што би требало да биде Националната сатратегија за млади и постигнување на амбициозни цели од типот на реформи во образовниот систем и намалување на невработеноста, за кои е потребни вклучување на многубројни актери, треба да се изготви акционен план за временска рамка од најмалку 3-5 години која би овозможила сериозен пристап, долгорочно планирање и доследност и континуитет во работењето. Подготвување на документ кое трае скоро 2 години и завршен во 4тиот месеци од истата година (април 2009) во која би требало да се имплементира е најблаго речено, несериозно. Но, веројатно реформите во нашата администрација се толку напреднати што денес нашите министерства се динамични и флексибилни институции кои можат да внесуваат новитети во своето програмско работење и да обезбедат буџет за истите на средина на календарската година. Приоритетите од Националната стратегија за млади кои се најзначајни за поддршка при вработување: Континуирана поддршка на неформалното образовение и Забрзана транзиција од образовние до вработување во Акциониот план едноставно не постојат. А и да постоеа веројатно немаше многу да помогне. Резултатите кои се предвидени во врска со приоритетните интервенции се недоволно дефинирани, а оттука и немерливи. Акциониот план предвидува актери, но ретко каде посочува која институција е одговорна за координирање на активностите. И конечно, во овој аматерски документ не стои ниту еден ред објаснување за тоа дали, од каде и колку средства се предвидени за негова имплементација. За тоа дали и колку е младинската невработеност приоритет во оваа земја говорат и евалуациони извештаи од релевантни меѓународни организации. Така на пример, според извештајот Анализата за човековите ресурси во Република Македонија“ на Европската фондација за тренинг моменталната состојба на невработеност кај младите води кон залудно трошење на човечкиот потенцијал, деградација на стекнатите вештини и претставува мотивација за емиграција. Истовремено извештајот „Активни програми на пазарот на труд во БЈРМ„ на Светска банка од 2008 година ги оценува мерките за (до)обучување за невработените како неефективни за младите како целна група, а резултатите од севкупните мерки кои се однесуваат на младите како разочарувачки. Но очигледно ние, а и релевантните меѓународни организации, сме само неинформирани. Имплементацијата на документите кои се однесуваат на младите мора да течела совршено и сите цели да се постигнати, бидејќи Акционен план за имплементација на Стратегијата за Млади за тековната 2010 не постои. Дали ова значи дека сите проблеми на младите завршија во 2009 или значи само дека треба малку да почекаме за Акционениот план за 2010 да пристигне во последните месеци од оваа година? Донесувањето на документи во полето на младинските политики е обврска наметната на сите влади од регионот кои се стремат кон Европската унија и се обврзани да ги прилагодат домашните легислативни на оние Европските. За истите постои и финансиска и техничка помош од релевантни институции. Она што кај нашата Влада очигледно недостига е разбирање дека овие документи не се обврска кон ЕУ, туку обврска кон сопствените граѓани. Обврска кон сите млади луѓе кои не гледаат иднина во сопствената земја. А наша обврска е да ги потсетиме дека не сакаме документи, туку политики кои придонесуваат за реални промени во нашиот живот и младинска независност.