Барај
Close this search box.

[Видео] Овој Дом дебатираше дали да замине од Македонија засекогаш

На шестиот вечерен дебатен настан Аргумент: Oрганизирано изразување во организација на Младински образовен форум (МОФ) кој се одржа вчера во Младински културен центар – Скопје темата на дискусија беа миграциите. Поделени во афирмативен и негациски тим, говорниците дебатираа во кој правец се движи Македонија; каква е состојбата во економијата и граѓанските права и слободи; дали треба да останeме и да се бориме или пак решението да го бараме на друго место и колку Македонија има простор за слободно изразување.

Говорниците кои ја застапуваа тезата Овој Дом би си заминал од Македонија засекогаш беа: Петар Гошев, Неда Коруновска и Висар Вишка, додека спротивната страна ја застапуваа Мендерес Кучи, Мирјана Најчевска и Да Џака Накот.

Петар Гошев ја отвори дебатата прашувајќи: „Зошто младите и граѓаните ја напуштаат државата? Бидејќи младите имаат најмногу проблеми во оваа држава. Нема статистики колку се надвор, дознаваме индиректно од статистиките на другите земји. Само во Европска унија во последните 10 години се иселиле 200.000 луѓе“. Тој потенцираше три клучни зборови кои го мотивираат заминувањето на граѓаните – неправда, нееднаквост и сиромаштија. „Ваквата состојба ни еден човек не ја поднесува. Затоа чекаат извесно време и ако не ја променат, тие си го бараат идентитетот на друго место.“ изјави тој.

Мендерес Кучи изјави дека само да се констатира проблемот и да не се преземе ништо, нема да поправи ништо. Тој потенцираше дека тука има капацитети, знаење и желба, за да се даде соодветно место на детектираниот проблем, и да се надмине.

Неда Коруновска го започна својот говор потенцирајќи дека секој има право да замине, но дека прашањето е дали од Македонија си заминуваат и тие што не сакаат, затоа што се приморани. „Ако економските причини беа главните причини за миграција на луѓето во минатото, во денешна Македонија профилот на мигранти е различен. Теориски, има фактори кои можат да ве буткаат од државата и привлекуваат во други земји – човековите права и правото на изразување, чистата околина – конкретно здравиот воздух, иако Македонија според аерозагадувањето е на врвот во Европа, и за крај образованието – не само пристапот до образованието туку и правото на образование без предрасуди“.

Мирјана Најчевска изјави дека миграцијата е едно од универзалните човекови права, но и за да може да се зборува за слободата на избор, мора да се зборува за избор меѓу две позитивни нешта. „Доаѓаме до моментот како оваа држава да ја направиме место во кое што луѓето слободно ќе бираат – Дали ќе останат или не? Некој работел и се борел и во другите земји да направи добро место за живеење, каде луѓето ќе можат да изберат каде ќе живеат не затоа што мораат, туку затоа што сакаат“. Таа потенцираше дека не сака да побегне од својата одговорност за местото каде се родила, заедницата на која припаѓа и луѓето кои се дел од опкружувањето. „Моите предци за нешто се бореле, гинеле и сакале да создадат држава во која јас ќе живеам поубаво. Како можам да го негирам тоа и да си заминам?“ запраша таа.

Висар Вишка низ својата лична приказна и искуства ја обработи својата страна од тезата. Сподели искуство каде во странство ја добива целата помош да дојде до работа – интервјуа, закажани состаноци, отворени контакти, а кога прашува „Зошто го правите ова за мене?“ одговорот е само „Ова е нашата работа“. „Во нашето министерство, со истото CV нема да може од вратарот да поминам“ изјави тој.

Да Џака Накот се спротистави со својата аргументација, и изјави дека тој се вратил затоа што на народот му треба музика. „Верував дека некој мора да го направи тоа во Македонија и дека таа индивидуа сум јас“. Ние сме тие кои мора да им овозможиме на сите луѓе да просперираат и јавно да се изразат. „Никогаш не сум се разочарал. И верувам дека има добри луѓе кои можат оваа држава, овој народ, овие луѓе да ги однесат на следното ниво.“ им порача тој на присутните.

Дебатата ја проследија над 250 лица во публиката, и уште 800 преку видео стримот.
МОФ го организира Аргумент за да ја подигне културата на дијалог и квалитетот и етичноста на јавниот дискурс, да ги покрене важните прашања, но и да ги поттикне јавните лица за учество во фер и аргументирана дискусија. Оваа година организацијата на настанот беше поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско општество.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: