[Видео] Студентите побараа реформи во студентското организирање

Новиот Закон за високо образование треба да го реши проблемот со нелегитимните студентски претставници и затворените претставнички тела, порачаа студентите на првата консултација за ново студентско организирање, која денеска се одржа на Правниот факултет од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во организација на Младинскиот образовен форум (МОФ) и Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ).

На дискусијата студентите ги разменуваа своите идеи и мислења за значењето на студентското организирање и начинот на кој сакаат да функционираат студентските парламенти.

„Студентското организирање во последните години се покажа како катастрофално и на ниско ниво, поради тоа што корумпирани студенти го злоупотребуваат статусот на студентскиот парламент и позициите на него. Моделот на Студентски пленум е спротивност на тоа, сакаме одлуките кои ќе се носат за студентите да бидат транспарентни и јавни и да се носат со мнозинство, затоа еден од главните проблеми кои треба да се реши е студентскиот парламент да биде во рамките  на универзитетот, а не само како невладина организација која навлегува во автоноимјата на универзитетот “, изјави Деа Здравковска, од Студентски пленум.

Александра Филипова, од МОФ порача дека во уредувањето на студентските права треба транспарентно и инклузивно да се дојде до вистински модел на студентско организирање.

„Во минатите години ова беше горлива тема, младите имаа нелегитимни претставници и затворени претставнички тела, а како земја дури се доведовме во ситуација ЕБР да интеревенира, да употреби прекумерна сила на студенти. Време е преку овие јавни консултации и новиот Закон за високо образование овој проблем да се реши, а на студентите да им се овозможи вистинско учество, легитимни и транспарентни студентски претставници и одржлив модел на студентско организирање“, додаде Филипова.

„Студентското организирање како дел од Законот за високото образование за кој очигледно се најзаинитерсирани студентите претставува нешто кое треба да се реформира. Посточекиот закон  и неговите бројни измени доведоа до тоа да имаме нефункционални претставнички тела кои за многу студенти не се ни познати, па така ваквите отворени консултации со присуство на лично засегнатите – студентите се одлична можност да се создаде нов текст кој ќе биде во согласност со потребите и барањата на студентите“, рече Иван Дургутов од ЕЛСА.

Покрај јавните консултации во Штип, во текот на октомври и ноември планирани се консултации и во Битола, Тетово и Скопје. По завршување на консултациите препораките од настаните ќе бидат сумирани во финален документ кој ќе биде презентиран пред носителите на одлуки и другите засегнати чинители.

Активностите се финансирани и се спроведуваат во партнерство со ФООМ.

Сподели