На 3ти март (понеделник), со почеток во 14 часот во велешкиот театар „Ј.Х.К Џинот“ започна проекција на документарни филмови, во рамките на настанот кино.zip. Настанот е инициран од страна на Медиа/Арт младинскиот клуб, дел од Младински образовен форум во Велес и истата се реализираше благодарение на поддршката и соработката со Make Dox кои преку документарни филмови ги едуцираат младите.
Проекцијата започна со интерактивна работилница на којашто беа проектирани два краткометражни филма: „Куса историја на Џон Балдесари“ и „Тулибу дибу даучу“. Посетителите имаа можност и да го изразат своето мислење преку одговор на одредени прашања и со движење на сцена.
Потоа следеше проекција на филм изненадување, којшто премиерно се прикажува за прв пат во Македонија и во вториот блок беше проектиран документарецот кој има освоено повеќе награди и се уште ја освојува публиката -„Бурманските видео репортери – извештај од затворената земја“. По секоја проекција следуваше и кратка панел-дискусија за темата којашто документарецот ја обработува.
Седумдесетина средношколци заедно со нивните професори во филозофија, социологија, македонски јазик присуствуваа на проекциите и работилниците.
Присутните се потпишуваа на таблата на којашто беше нагласена фразата : „Потпишувам за отворање на киното!“ и во текот на работилниците истакнаа дека кај нив не постои навика да одат во кино и на големо платно да изгледаат некој филм. Ја поздравија идеата за враќање на кино културата во градот и изразија желба повторно да имаат можност да присуствуваат на вакви активности.
Младите коишто го организираа овој настан се заблагодарија јавно на Сашо и Нина од Make Dox коишто одвоија дел од своето време и помогнаа во реализација на нивната инцијатива. На крајот тие изјавија дека кај нив постои надеж овие активности да го променат status quo-то на ситуацијата со старото кино „11-ти Октомври“.
Некои од фотографиите може да ги погледнете и на instagram со #kinozip