На 15 март 2013 година со почеток во 13.00 часот на Филозофскиот факултет се одржа јавна дебата на тема: „Овој дом верува дека факултетската диплома ја губи својата вредност“. На јавната дебата за вредноста на факултетската диплома говореа дебатерите од дебатниот клуб на Филозофскиот факултет, како и проф. д-р. Владимир Трајковски како гостин-говорник, професор на Филозофскиот факултет и одговорен за спроведување на Еразмус програмата.
Дебатата започна со обраќање на професорот Трајковски кој во својот говор наведе повеќе причини за своето лично верување дека факултетската диплома навистина ја губи својата вредност. Помеѓу другото, тој наведе дека во Македонија се повеќе луѓе се здобиваат со факултетска диплома, што ја доведува во прашање нејзината вредност, како и вредноста на магистерските и докторските студии. Воедно, професорот Трајковски ја критикуваше вредноста на дипломата на пазарот на трудот, како и знаењето и подготвеноста за работа со која се здобиваат студентите.
Дебатерите дебатираа според форматот Британска парламентарна дебата, поделени во четири тимови од кои два ја застапуваа поставената теза, додека другите два ја напаѓаа. Од страна на дебатерите, дебатата ја отворија Ана Ристевска и Надица Зографска од тимот на првата влада кои говореа за хиперинфлацијата на дипломи и за фактот дека поголемо влијание за вработување има партиската книшка отколку факултетската диплома. На тоа одговори тимот од првата опозиција, составен од Милка Геровска и Даниел Матракоски, истакнувајќи го фактот дека дури и партиската книшка да игра поголема улога, сепак во голем број од огласите за работа задолжително се бара завршено високо образование. Дополнително го бранеа ставот дека веќе не смее да се потпираат младите само на дипломата, туку дека треба да бидат пофлексибилни и динамични и самите да пронајдат начини за вработување.
На втората маса, тимот од Максим Никифоровски и Петар Чурич од позиција на втора влада зборуваа критериумите според кои ја мериме вредноста на дипломата – дали е тоа колкава плата може да донесе или знаењето со кое се здобиваат студентите на факултетите, посочувајќи на намалениот квалитет на знаење кое се пренесува со дипломата. Спротивно на ова, Елвис Бајрам и Никола Серафимов во тимот на втора опозиција тврдеа дека дипломата не може да ја изгуби својата вредност бидејќи никогаш и ја немала и дека од секогаш се гледале и останати квалитети или способности при вработување.
Во дискусијата која се случуваше по дебатата, дел од присутните изјавија дека најголем проблем со вредноста на дипломата имаат студентите на општествените науки бидејќи нивната диплома потешко се материјализира надвор од државата, наспроти големата побарувачка на пазарот на труд за студенти од природни и технички науки. Исто така, публиката посочи на тоа дека донекаде вината за неповолната ситуација во која се наоѓаат студентите не треба секогаш да се бара кај факултетот и факултетскиот кадар, но и кај студентите кои прават малку за збогатување на сопственото студирање.
Оваа дебата е дел од активностите на дебатниот клуб на Филозофскиот факултет, кој е соработка помеѓу Филозофскиот факултет и Младински образовен форум, како дел од проектот Дебатирај Академски.