YES team for the win! – натпревар за најдобар бизнис план

Младински образовен форум со поддршка од Американска амбасада го спроведува проектот Младински претприемачки вештини (Youth Entrepreneurial Skills – YES). Овој проект има за цел да ја пополни празнината што ја остави формалното образование за практични вештини и применливо знаење, додека се бори против една од клучните причини за иселување на младите – невработеноста.

Како завршна активност, МОФ отвара повик за пријавување на тимови, најмногу до тројца, или поединци кои имаат идеја и ќе изработат свој бизнис план до 04.06 а на 06.06 ќе го презентираат истиот пред жири комисијата.

Најдобрите бизнис планови на натпреварот “YES TEAM FOR THE WIN!” ќе бидат наградени со награди кои ќе ги поттикнат победниците да продолжат да работат на своите идеи за да ги реализираат во иднина. Преку оваа активност младите ќе добијат поттик да ги развиваат и користат своите вештини и преку надоградување и да станат поконкурентни на пазарот на трудот.

Во склоп на овој проект беа формирани три младински клубови во градовите Штип, Охрид и Гостивар, каде членуваа средношколци од стручни училишта. Програмата по која работеа членовите беше изработена од експерт кој своето искуство го има стекнато со долгогодишна работа во ова поле. Истата програма беше консултирана, проверена и одобрена од Американската и Македонската стопанска комора, локалната бизнис заедница, општините и училиштата. Со ова, МОФ направи чекор кон надминување на јазот помеѓу образовниот систем и приватниот сектор преку создавање трајни партнерства помеѓу училиштата и локалните компании и создавање одржливи наставни програми од кои понатаму корист ќе имаат и идните генерации.

Членовите на младинските клубови се сретнуваа секоја сабота и обработуваа разни аспекти важни за претприемништвото. Како предавачи се најдоа врвни македонски експерти од нашата држава, како Горјан Јовановски, Теодора Филовска, Александар Радомировиќ, а со Марија Матовиќ учеа како да го вметнат социјалниот аспект и колку во нашата држава е важно да се има социјално свесни бизниси. Предавањето со психологот Сања Стефановиќ ги научи младите како да бидат добри лидери и што значи да се работи во тим.

Покрај десетте редовни предавања, како дел од проектот беа и четирите отворени предавања од експертите Анита Кирковска, која е стипендистка на „Фулбрајт“ и сѐ уште работи за една од најуспешните американски компании. Софија Богева го сподели искуството за тоа како најдобро да се решаваат проблемите преку користење на креативноста. Како Американски експерти на листата се најдоа Белино Џафа, „Харвард“ алум, кој веќе две години работи во светската банка „Мерил Линч“, но и Ирена Воденска, која на последното отворено предавање од овој циклус несебично го сподели своето знаење исто како што го прави тоа со своите студенти на Универзитетот „Бостон“ каде таа е шеф на катедрата за финансии.

Сите кои се заинтересирани за учество во натпреварот, можат да се пријават на овој формулар https://cutt.ly/cneJtaH, а за да ги видите наградите и членовите на жири комисијата, следете не на социјалните мрежи!

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: