Како дел од активностите за меѓуетничка интеграција во образованието на 29 ноември 2013 година,во училиштето Наце Буѓони во Куманово беше организирано свечено сечење на лента. На настанот членовите на дебатниот клуб презентираа како изгледа еден дебатен час преку видео во кое имаше дискусија и дебата на тезата „Заедничко учење води кон подобро училиште“.
Со започнувањето на учебната година, Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието во соработка со Младински образовен форум [МОФ] оформи 8 дебатни клубови во 8 Општини. Оваа активност овозможи училиштето „Нацо Буѓони “ да има свој дебатен клуб.
Во дебатниот клуб членуваат 30 ученици, тие следат годишна програма во која имаат можност освен посета на неделни предавања, да учествуваат на дебатни турнири, локални, национални и меѓународни настани, да организираат јавни дебати, да се запознаат со дебатери од други градови, држави и култури.
„Но тоа што е различно од училиште е дека изградивме катче во кажеме нашиот став, да изградиме мислење за одредена тема, да слушнеме како размислуваат нашите соученици. Таму сме македонци, албанци, турци, роми но сите сме дебатери и тоа е дебатен клуб кој припаѓа на сите нас. “ велат дебатерите.
Дебатните клубови на национално ниво имаат за цел да креираат мултикултурна соработка помеѓу младите. Со помош на тимска работа, интеракција, аргументација и дискусија младите создаваат платформа за комуникација и се стремат кон надминување на предрасудите и остранување на дискриминацијата.
„Мината средба дебатиравме на теза „Заедничко учење води кон подобро училиште„ каде отворено зборевме за учењето во поделени етнички објекти и што тоа ќе донесе после 5 години? Имавме различни ставови и мислења на оваа тема, но сметаме дека е прашање кое мора сите да се здружиме за да го решиме. Тоа треба да биде Општината, директорите, професорите, нашите родители и ние. Само со дебата и дијалог можеме да постигнеме интеграција.“ беше заклучокот на дебатерите.
На настанот присуствуваше амбасадорот на САД, Пол Д. Волерс, мајорот Рик Траја, Заменик шеф на Канцеларијата за соработка во доменот на одбраната и Офицер за билатерални прашања, Вишиот специјалист за образование во УСАИД, Лела Јаковлевска, градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски, како и наставници, родители и ученици.
„Во Наце Буѓони градиме не само подобри училници, туку нешто многу повеќе. Преку Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието и нашите партнери од Европската команда, ние истовремено ја поставуваме и основата за покооперативна, интегрирана и мирна иднина”, изјави американскиот амбасадор Пол Д. Волерс.
Процесот на реновирање е финансиски поддржан од страна на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието и Европската команда на САД (ЕУКОМ).