Започнуват октомвриските проекции на МОФ и МакеДокс во дванаесет градови

Со проекцијата на документарниот филм „Зависник од интернет“, денеска (20 октомври) во МКЦ клубот во Битола, во 17:30 часот, започнуват октомвриските проекции на МОФ и МакеДокс.

Документарецот „Зависник од интернет“ е избраниот филм кој ќе се прикажува во октомври во дванаесет градови низ земјава. Продукција на Израел и САД, снимен е во 2013 и трае 79 минути.

Филмскиот караван на МОФ и МакеДокс започна во март и ќе трае до декември. Досега беа прикажани филмот „Алфабет“ кој претставуваше критика на формалното образование, потоа „Girl Model, „Машки филм“ и „Песната на Ајша“ кои беа проектирани во април и потикнуваат свесност за женските права , додека во мај беше прикажан документарецот „Мал свет“,

Септемвриската проекција беше посветена на глобализацијата, а публиката имаше можност да го следи филмот „Најсреќната кикиритка на светот“.

Кина е првата земја во светот која ја прогласи „зависноста од интернет“ за клиничко нарушување. Со цел да се справат со она што наликува на најголемата општествена криза на денешницата, кинеските власти отвораат установи за детоксикација и лекување на зависноста на тинејџерите од водењето на живот онлајн.

Преку неконвенционалните психолошки сесии, каде што момчињата постепено споделуваат зошто се чувствуваат поповрзани со разните гласови во сајбер-просторот отколку со семејството, филмот „Зависник од интернет“ нуди искрен, промислен и непријатен портрет на општество во движење и на младина изгубена во технологијата, на работ на бездната отаде непознатата иднина.

Филмот го прикажува современиот кинески живот во мало, посматрајќи ги меѓугенерацискиот притисок и симптомите на таканареченото „доба на интернетот“.

За октомвриските прокции гости говорници ќе бидат @Goran Man, блогер и твитерџија кој ќе гостува на проекциите во Кратово и Неготино и Гораст Цветковски, актер и гејмер кој ќе гостува на проекцијата во Скопје која ќе се случи во културниот центар КУЛА.

Модератори на дискусиите се Сашо Н. Алушевски и Марија Павлеска.

Во продолжение целосниот распоред на проекциите:

  20.10.2015 17:30ч Битола (вторник) во просториите на МКЦ клубот, Цар Самоил 29

 21.10.2015 Кратово 19:00 (среда) Регионален Центар за одржлив развој, Гоце Делчев 24

 23.10.2015 Ресен18:00 (петок) простории на Акција Плус – Ресен

 23.10.2015 Кичево 18:00 (петок) Регионален Центар за одржлив развој -11 Септември (Зграда Сушица)

 24.10.2015 Тетово 12:00 (сабота) МОФ ул. „Јане Сандански“ 50/1

 25.10.2015 Скопје 20:00 (недела) – Кула

 26.10.2015 Велес 17:00 (понеделник)Фондација за локален развој и демократија Фокус, Солунска 2а(спроти Североф)

 27.10.2015 Неготино 19:00 (вторник) простории на Центар за Регионален Одржлив Развој (ЦРОР)

 29.10.2015 Дебар 12:00, Гимазија

 30.10.2015 Струга 18:00 (петок) Здружение за развој и активизам „АКВА“–Струга, ул: „Климетица“ бр. 8

 30.10.2015 Гевгелија 12:00 Регионален Центар за одржлив развој, Маршал Тито 60

Сподели