Изминатите неколку месеци, 20 млади истражувачи од целата држава беа вклучени во Програмата за истражување и застапување на МОФ, во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности.
Под менторство на 7 ментори спроведоа 4 истражувања на теми од младински интерес, подготвија 6 прашалници што ги одговорија над 500 млади и поднесоа над 100 барања за информации од јавен карактер.
Добиените информации преку обработка и анализа станаа наоди, а наодите прераснаа во препораки кои наскоро ќе може да ги прочитате во истражувањата на тема: „Користењето на вештачката интелигенциjа во образовниот процес на студентите во високото образование“, „Финансирањето и буџетирање на младите на национално и локално ниво во Република Северна Македонија“, „Последиците од аерозагадување кај малолетни лица од високо загадени подрачја“ и „Информираноста и подготвеноста на студентите да пријават корупција“.
Ви ги претставуваме младите истражувачи кои беа дел од истражувањето „Информираноста и подготвеноста на студентите да пријават корупција“.
1. Што научи од Програмата за истражување досега, како ти помогна за развивање на твоите вештини?
Програмата за истражување ми помогна да го проширам мојот интерес за истражување во нова насока при што се здобив со можност да се стекнам со дополнително знаење од нови тематски области, но и да ги надоградам моите вештини за квантитативни истражувачки методи, пишување, аналитичка и критичка мисла. Севкупно, се стекнав со едно ново истражувачко искуство кое ми донесе нови видици, сознанија и перспективи за надоградување и дејствување.
2. Од кое истражување беше дел, како дојдовте до темата и зошто е вашето истражување важно/зошто е темата релавантна?
Јас бев дел од истражувањето за Информираноста и подготвеноста на студентите да пријават корупција, што несомнено е горлива тема во нашата држава и важи за еден од најперзистентните и најкомплексните предизвици од политички и социо-економски размери/димензии. Оттука се појави и нашата мотивација како млади да преземеме акција преку истражување на коруптивните практики во високото образование и уделот и важноста на нивното пријавување, да ги охрабриме студентите да дадат свој придонес во борбата против корупција, како двигатели на промени кон идно општество без корупција.
3. Сподели ни најинтересен/шокантен наод од истражувањето.
Со оглед на самата тема на истражување – корупција, наодите во голема мера беа во согласност со очекуваните претпоставки и хипотези, но постои еден шокантен наод за мене лично кој го откривме во спроведување на истражувањето, а тоа е фактот дека на ниту еден универзитет, од оние кои беа опфатени во истражувањето, не постои механизам за мониторинг или следење на корупцијата или коруптивните практики кои се случуваат, и за кои во најголем дел од случаите се свесни сите соучесници.
4. Кој дел од процесот на спроведување на истражување ти беше најинтересен, а кој нај-challenging? Зошто?
За мене најинтересен дел од процесот на спроведување истражувањето беше правењето на интервјуа, затоа што ова беше прилика за согледување на нова перспектива за темата за која што истражувавме и пишувавме подолго време, со самото интервју јас имав можност да излезам од рамките на моето сфаќање и искуство на темата и да дознаам за искуството на директните чинители- предмет на истражувањето. Најголем предизвик беше дефинирање на темата, бидејќи станува збор за една неисцрпна тема што вклучува безброј варијации и насоки кои можат да бидат опфатени со истражување, и токму тука се појавува и предизвикот истражувањето да се усмери во насока на откривање на нешто ново преку опфаќање на нова нишка од темата.
5. За кој е наменето вашето истражување? Кој треба да го прочита и да промени нешто?
Истражувањето е наменето првенствено за студентите кои што се главната таргет група, но несомнено ги вклучува и останатите чинители во процесот на високото образование, вклучените во процесот на пријавување и борба против корупцијата, опфаќајќи и институции односно, се однесува на професорите, деканите, универзитетските служби, студентските правобранители, и сите останати тела и органи во служба на високото образование.
6. Зошто е важно да се истражува и зошто е важно младите да се вклучат во истражување?
Важноста на истражувањето лежи во самиот продукт од истражувачката работа, односно добивањето на егзактни, веродостојни и мерливи податоци и заклучоци кои се добиени преку широко познати и достапни методи на истражување кои следат одредени принципи и практики. Од ова произлегуваат податоци кои се сметаат за репрезентативни и можат да важат како основ за креирање на издржани политики засновани на проверени информации и податоци. Важно е младите да бидат вклучени во истражување бидејќи дефакто би се вклучиле во креирањето на политики, процесот на младинска активност и вклученост во политичките процеси, но и би поттикнале одредена предност на теми од нивен интерес при што би допринеле истите да станат дел од програмите, активностите и јавниот дискурс.
7. Доколку можеш да одбереш било која тема, какво истражување би сакал/а да спроведеш? Зошто баш таа тема?
Ако станува збор за слободен избор, јас би избрала да истражувам на теми поврзани со младите и политиката, нивната застапеност и учество во донесување на одлуки, и gender equality прашања. За мене лично првава тема е од особено значење бидејќи е еден поголем недостаток во политичките процеси, а истовремено и извор на младинската апатија, -исклученост од политиките, незадоволство и во голема мера brain drain. Додека пак прашањата поврзани со родова еднаквост ги гледам како клучни за градење на едно инклузивно општество кое што може да се развива и да просперира, бидејќи со изоставање на половина од талентот, вештините и перспективите на популацијата, невозможно е да се изградат стабилни и просперитивни политики.
1. Што научи од Програмата за истражување досега, како ти помогна за развивање на твоите вештини?
Оваа Програма за истражување ме научи, пред се, на чекорите за спроведување на едно успешно истражување. За мене ова беше прво учество на ваков вид на програма и сигурна сум дека знаењето и вештините кои ги стекнав ќе ги применам во идните истражувања.
2. Од кое истражување беше дел, како дојдовте до темата и зошто е вашето истражување важно/зошто е темата релавантна?
Јас бев дел од истражувањето на тема: „Информираноста и подготвеноста на студентите да пријават корупција“. Оваа тема ја избравме заедно со другите учесници во ова истражување бидејќи корупцијата претставува најактуелниот и најзначаен проблем во РС Македонија, и нејзиното присуство во високото образование се одразува на останатите сфери во општеството.
3. Кој дел од процесот на спроведување на истражување ти беше најинтересен, а кој нај-challenging? Зошто?
Правење интервју ми беше нај-challenging.
4. За кој е наменето вашето истражување? Кој треба да го прочита и да промени нешто?
Ова истражување е наменето за сите субјекти кои се дел од високото образование, а пред се студентите. Целта на ова истражување е да ја зголеми свеста кај младите луѓе и сите актери во високото образование за значењето на пријавувањето на корупција. Истражувањето има за цел да го олесни и зголеми пристапот до механизмите за пријавување на корупција, со што би се подобрил интегритетот на образовниот систем. Главниот фокус е на тоа колку студентите можат да препознаат коруптивни практики, колку се запознаени со процедурите за пријавување и дали се спремни да ги искористат постојните правни механизми за пријавување на корупција.
5. Зошто е важно да се истражува и зошто е важно младите да се вклучат во истражување?
Младите е важно да се вклучат во истражување бидејќи на тој начин можат најуспешно да ги таргетираат проблемите во општеството и со спроведените истражувања и заклучоците од истите да го водат општеството кон подобра иднина и просперитет.
6. Доколку можеш да одбереш било која тема, какво истражување би сакал/а да спроведеш? Зошто баш таа тема?
Би избрала тема од областа на правото бидејќи сум дипломиран правник и сметам дека досегашното стекнато знаење ќе ми помогне во процесот на спроведување на успешно истражување.
1. Што научи од Програмата за истражување досега, како ти помогна за развивање на твоите вештини?
Програмата за истражување ми овозможи да стекнам длабоко разбирање за методологијата на истражување, анализата на податоци и етичките аспекти на научното истражување. Преку интеракција со искусни ментори и учество во различни работилници и обуки од нашиот истражувачки викенд, ги развив моите аналитички и критички вештини, кои се од суштинско значење за успешен истражувачки процес. Ова искуство исто така ми помогна да се осознаам со важноста на транспарентноста и отчетноста, особено во контекст на пријавување корупција.
2. Од кое истражување беше дел, како дојдовте до темата и зошто е вашето истражување важно/зошто е темата релавантна?
Јас бев дел од истражувањето за „Информираноста и подготвеноста на студентите да пријават корупција“. Темата произлезе од забележаната зголемена загриженост за корупцијата во образовниот сектор, и од желбата да се испита дали младите луѓе се свесни за своите права и начини на пријавување. Истражувањето е важно бидејќи корупцијата негативно влијае на квалитетот на образованието и го поткопува интегритетот на образовните институции. Со ова истражување, сакаме да ги идентификуваме пречките и да предложиме мерки за подобрување на свесноста и подготвеноста на студентите да се спротивстават на корупцијата.
3. Сподели ни најинтересен/шокантен наод од истражувањето.
Еден од најинтересните и шокантни наоди од нашето истражување беше дека голем процент од студентите се свесни за постоењето на корупција во образовните институции, но сепак, многу малку од нив знаат како да ја пријават или не се чувствуваат доволно сигурни или храбри да го сторат тоа. Ова укажува на потребата од подобра и поголема едукација и поддршка за студентите, како и создавање на доверливи и достапни канали за пријавување на корупција.
4. Кој дел од процесот на спроведување на истражување ти беше најинтересен, а кој нај-challenging? Зошто?
Најинтересниот дел од процесот на истражувањето беше правењето и споделувањето на прашалникот. Беше фасцинантно да се види како внимателно формулираните прашања можат да откријат толку многу информации и ставови од студентите. Најпредизвикувачкиот дел беше прибирањето информации од јавен карактер и правењето интервјуа. Овој дел бараше многу трпение и упорност, бидејќи не секогаш беше лесно да се добијат точни и искрени одговори, а и самите интервјуа бараа многу добро подготвени и детални прашања. Токму овие предизвици ни помогнаа да се развиеме како истражувачи и да ги подобриме нашите комуникациски и аналитички вештини.
5. За кој е наменето вашето истражување? Кој треба да го прочита и да промени нешто?
Нашето истражување е наменето за неколку целни групи. Првенствено, тоа е наменето за студентите, студентските организации и универзитетските администрации, со цел да ги подигнеме свеста и разбирањето за корупцијата и да ги охрабриме активните мерки за нејзино спречување и пријавување. Дополнително, истражувањето е важно и за креаторите на образовните политики и владините институции, кои треба да ги разгледаат нашите наоди и препораки за да ги подобрат постојните механизми и да воведат нови, поефикасни мерки против корупцијата во образованието.
6. Зошто е важно да се истражува и зошто е важно младите да се вклучат во истражување?
Важно е да се истражува за да се разберат длабинските проблеми и да се најдат ефективни решенија за предизвиците со кои се соочуваме, како што е корупцијата. Истражувањето овозможува основа за информирано донесување одлуки и креирање политики кои се базирани на реални податоци и анализи. Вклучувањето на младите во истражувањето е особено важно бидејќи тие се всушност иднината на нашето општество. Младите носат свежи перспективи, иновативни идеи и ентузијазам кои можат значително да придонесат за општествените промени. Понатаму, учеството во истражувачки проекти ги поттикнува младите да развијат критичко размислување, аналитички вештини и чувство на одговорност кон заедницата.
7. Доколку можеш да одбереш било која тема, какво истражување би сакал/а да спроведеш? Зошто баш таа тема?
Доколку можам да одберам било која тема, би сакала да спроведам истражување за влијанието на менталното здравје врз академските успеси и општествениот живот на студентите. Менталното здравје е критична тема која често се занемарува, а има огромно влијание врз квалитетот на животот и перформансите на младите луѓе. Истражувањето на оваа би можело да помогне во создавање на подобри поддржувачки системи во образовните институции, да ги идентификува факторите кои влијаат врз менталното здравје и да предложи мерки за подобрување на благосостојбата на студентите. Исто така, доколку можам да одберам било која тема од мојата област на студирање, а тоа е казненото право, би сакала да спроведам истражување за ефикасноста на судските реформи и нивното влијание врз намалувањето на судските заостанувања и одолговлекувања. Оваа тема е од витално значење бидејќи бавните судски постапки можат да ги нарушат правата на грашаните и да ја поткопаат довербата во правосудниот систем. Истражувањето би ги анализирало различните реформи спроведени за подобрување на ефикасноста на судовите, како што се дигитализацијата на судските процеси, воведувањето на специјализирани судови, како и мерките за намалување на бирократските пречки. Целта би била да се оцени кои од овие мерки се најуспешни и да се предложат дополнителни препораки за подобрување на ефикасноста на судството.
1. Што научи од Програмата за истражување досега, како ти помогна за развивање на твоите вештини?
Од Програмата за истражување научив да поставувам тези за истражување и да го подготвам целиот истражувачки процес. Почнувајќи од дефинирање на потребните индикатори, податоци итн до финалниот аутпут студија.
2. Од кое истражување беше дел, како дојдовте до темата и зошто е вашето истражување важно/зошто е темата релавантна?
Јас бев дел од истражувањето на тема „Информираноста и подготвеноста на студентите да пријават корупција“. До темата дојдовме разгледувајќи ги сите димензии на корупцијата како феномен, а темата е важна за креирање на квалитетна антикорупциска политика.
3. Сподели ни најинтересен/шокантен наод од истражувањето
Интересен наод беше дека голем дел од студентите не знаат дали постои лице задолжено за антикорупција.
4. Кој дел од процесот на спроведување на истражување ти беше најинтересен, а кој нај-challenging? Зошто?
Најинтересен ми беше делот на дефинирање на темата и потребните индикатори и податоци за истата бидејќи во тој дел се разгледува мултидимензионалноста на проблемот.
5. За кој е наменето вашето истражување? Кој треба да го прочита и да промени нешто?
Нашето истражување е наменето најпрво за Министерството за образование, а натаму сите институции децентрализирано во системот.
6. Зошто е важно да се истражува и зошто е важно младите да се вклучат во истражување?
Истражувањата се од круцијална важност за креирање на стратегии и политики. Младите е важно да се вклучат во истражување со цел да ги подобрат нивните вештини.
7. Доколку можеш да одбереш било која тема, какво истражување би сакал/а да спроведеш? Зошто баш таа тема?
Бидејќи истражувањето ми е пасија би ги истражувал сите теми кои директно или индиректно се поврзани со економијата.