Барај
Close this search box.

Запознајте ги младите истражувачи од Програмата за истражување и застапување на МОФ

Изминатите неколку месеци, 20 млади истражувачи од целата држава беа вклучени во Програмата за истражување и застапување на МОФ, во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности.

Под менторство на 7 ментори спроведоа 4 истражувања на теми од младински интерес, подготвија 6 прашалници што ги одговорија над 500 млади и поднесоа над 100 барања за информации од јавен карактер.

Добиените информации преку обработка и анализа станаа наоди, а наодите прераснаа во препораки кои наскоро ќе може да ги прочитате во истражувањата на тема: „Користењето на вештачката интелигенциjа во образовниот процес на студентите во високото образование“, „Финансирањето и буџетирање на младите на национално и локално ниво во Република Северна Македонија“, „Последиците од аерозагадување кај малолетни лица од високо загадени подрачја“ и „Информираноста и подготвеноста на студентите да пријават корупција“.

Ви претставуваме дел од младите истражувачи кои беа дел од Програмата!

 

 

1. Што научи од Програмата за истражување досега, како ти помогна за развивање на твоите вештини?

Преку програмата за истражување научив навистина многу. Пред сѐ научив како да се формулираат истражувачки прашања, како успешно да ги поставам хипотезите, се стекнав со техники на собирање квалитативни и квантитативни податоци. По собирањето на податоците  научив како истите статистички да ги анализирам и толкувам. Способноста за критичко оценување на постоечката литература, проценка на валидноста и веродостојноста на податоците по завршување на  оваа програма ги развив на уште повисоко ниво.  Со самото тоа ја подобрив способност за пишување истражувачки трудови и извештаи.

2. Од кое истражување беше дел, како дојдовте до темата и зошто е вашето истражување важно/зошто е темата релавантна?

Како член на истражувањето поврзано со темата образование можам да кажам дека изборот на темата беше еден од најбрзо донесените одлуки во нашиот тим. Еден од членови ја наметна идејата, а сите едногласно се сложивте токму таа идеја да се преточи во тема за нашето истражување и дека истата е најпогодна. Станува збор за тема поврзана со користењето на алатки за вештачката интелигенциjа во образовниот процес на студентите.  Сметам дека нашето истражување нуди можности за подетално согледување на коj начин студентите jа користат вештачката интелигенциjа во текот на своите студии во високообразовните установи.

3. Сподели ни најинтересен/шокантен наод од истражувањето 

Не би можела да посочам некој наод кој беше шокантен. По, спроведување на прашалникот и по анализа на податоците дојдовме до заклучок каков што и беше очекуван. Најголем дел од испитниците беа запознаени со алатките за вештачка интелигенциjа и истите ги користат во текот на своите студии.

4. Кој дел од процесот на спроведување на истражување ти беше најинтересен, а кој нај-challenging? Зошто?

Кога станува збор за дефинирање на темата мислам дека и другите членови би се сложиле дека тоа беше еден од најинтересните моменти, а воедно и најлесен. Во текот на еден од првите состаноци кога требаше и всушност да се дефинира темата, занесени во размислување и дискусија за момент еден од членовите прв ја изнесува својата идеја која едногласно ја одлучивме да биде и тема на нашето истражување. Би додала дека со некои посериозни потешкотии во текот на истражувањето верувале или не, не наидовме. Совршената заедничка работа на нашиот тим беше доволна инспирација и решение на секој проблем.

5. За кој е наменето вашето истражување? Кој треба да го прочита и да промени нешто?

Нашето истражување е наменето пред се за таргет групата за која беше и спроведено истото, студентите и сите други повлијателни фактори кои се вклучени во високообразовниот процес. Кога станува збор за тоа кој треба да го прочита истото мислам дека е наменето за сите кои се заинтересирани токму за оваа тема.

6. Зошто е важно да се истражува и зошто е важно младите да се вклучат во истражување? 

Сметам дека истражувањето е од фундаментално значење за подобрување на знаењата, за решавање проблеми и поттикнување напредок во различни области. Со помош на истражување успешно ги поместуваме границите на она што го знаеме, што доведува до нови откритија и подлабоко разбирање на светот околу нас. Учеството во истражување им помага на младите да развијат основни вештини како што се критичко размислување, анализа на податоци и комуникација. Младите истражувачи можат да придонесат со нови перспективи и иновативни идеи за решавање на голем број општествени прашања.

7. Доколку можеш да одбереш било која тема, какво истражување би сакал/а да спроведеш? Зошто баш таа тема?

Познавајќи се себе си, знам дека секоја тема која е поврзана со доброто на општеството би ми била предизвик за истражување. Особено сакам кога се осврнувам на теми во кои директно се засегнати младите во денешно време. Целта која би сакала да ја постигнам е со секое следно истражување барем за малку да ги подобриме и ублажиме проблемите со кои се соочуваат младите на тој начин што ќе овозможиме со помош на истражувањата да се запознае пошироката јавност со тие проблеми.

 

 

1. Што научи од Програмата за истражување досега, како ти помогна за развивање на твоите вештини?

Преку овој проект добив сеопфатно предавање за поимот истражување, неговите алатки и различните методи низ кои се спроведува истото.

2. Од кое истражување беше дел, како дојдовте до темата и зошто е вашето истражување важно/зошто е темата релавантна?

Мојот тим работеше на тема: „Последиците од аерозагадување кај малолетни лица од високо загадени подрачја“. Тргнавме од здравјето како поширока област и дедуктивно одлучивме дека аерозагадувањето е страшен повеќегодишен проблем за нашата заедница. Стремежот за подобра иднина би започнал да се остварува со првиот чекор-чист воздух.

3. Сподели ни најинтересен/шокантен наод од истражувањето. 

Од 285 испитаници до осумнаесетгодишна возраст, 15% не го познаваат терминот аерозагадување.

4. Кој дел од процесот на спроведување на истражување ти беше најинтересен, а кој нај-challenging? Зошто?

Првпат имав прилика да бидам дел од автентичен тим за истражување од посериозен тип, речиси „филмско“ искуство. Секако индивидуалниот дух се судира со различни ставови и начини на работа, па тоа понекогаш може да биде поголем предизвик при финализирање на трудот.

5. За кој е наменето вашето истражување? Кој треба да го прочита и да промени нешто?

Имајќи предвид дека станува збор за воздухот, го препорачувам на секој кој верува дека истиот е значаен – во најмала рака.

6. Зошто е важно да се истражува и зошто е важно младите да се вклучат во истражување? 

Истражувањето нуди повеќеслојно подобрување кај кој било човек. Како најважна придобивка би го посочила поголемиот степен на свесност за заедницата во која се наоѓаме. Младите генерации секогаш се борат за нешто подобро, а тоа вистински би го оствариле доколку темелно ги проучат секојдневните пречки.

7. Доколку можеш да одбереш било која тема, какво истражување би сакал/а да спроведеш? Зошто баш таа тема?

Кај мене постои некоја неумолива љубопитност во однос на хуманистичките науки, поконкретно образованието. Веројатно би истражувала за основните и средните училишта, како да се дојде до поголем степен на писменост во општеството воопшто.

 

Истражувањата се спроведоа во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности имплементирана од организацијата IESC во партнерство со Младински образовен форум – МОФ / Youth Educational Forum -YEF и CEED Hub Skopje.

Мислењата изразени на оваа веб страница им припаѓаат на авторите/МОФ и не ги изразуваат ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави
(САД).

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: