Симулацијата на главна расправа од кривичната постапка според новиот Закон за кривична постапка кој стапи на сила на 1 декември, 2013 година, беше главен завршен настан за програмата Учиме право за оваа 2013/2014 учебна година.
Во просториите на МОФ, на 27.06.2014 (петок), 20-тина средношколци, членови на скопските Учиме право клубови, симулираа главна расправа од случајот „Голем одмор“ и со тоа испратија порака за нулта толеранција кон училишното насилство и воопшто, насилството помеѓу младите луѓе.
Овие членови се ставија во улоги на судии, јавни обинители, адвокати, обвинети и сведоци и се обидоа на еден интересен начин да ги истакнат најновите промени во главната расправа на една кривична постапка и да им објаснат на останатите млади луѓе како воопшто изгледа една кривична постапка според новиот закон, а тоа се еднаквоста на „оружјата“ во постапката, унапредување и поголема заштита на правата на обвинетиот, отстранување на нееднаквоста помеѓу државата од една, и обвинетиот од друга страна, како и генерално побрза и поефикасна постапка.
Особено интересно беше тоа што во текот на симулацијата, на површина излезе компетитивниот карактер на самите ученици кои постојано се обидуваа преку употреба на посилни и поцврсти аргументи да ги одбранат своите наводи и тези и да го придобијат судскиот совет, а со умешноста на ораторските способности, вештини на убедување, како и мала доза на театралност да го направат овој настан пријатен, забавен, но и поучен за присутната публика.
На крајот на овој настан, беа доделени сертификати за учество во Учиме право клубовите и успешно поминати предавања според овогодинешниот курикулум. На самиот настан присуствуваа 50-тина најактивни и најредовни ученици од скопските клубови за оваа година.
Средношколците кои оваа година ја поминаа основната, почетна програма, во наредната учебна година ќе имаат прилика да се зачленат во Напредниот Учиме право клуб кој става поголем фокус на меѓународното право и меѓународните односи.