Заврши циклусот онлајн предавања за животната средина, во соработка со ИКС

На 23 март заврши циклусот oнлајн предавања за заштита на животната средина, организиран од страна на МОФ во соработка со Институтот за комуникациски студии во склоп на кампањата „Разбистри сè!“.

Предавањата беа заокружени со дискусија на темата „Шар Планина: национален парк или национална мета?“, предводена од екоактивистот Нгадњим Мехмети од граѓанската инивијатива „Еко герила“.

На предавањето учествуваа 30 учесници кои активно се вклучија во дискусијата. Мехмети се осврна на битката на Шар планина за да биде прогласена за национален парк, како и кризата со која се соочува во однос на градењето на мали хидроцентрали и дивото сечење на дрвја.

Во текот на дискусијата се отворија прашања за историјата на Шар планина и нејзиното патешествие до кандидат за национален парк, придобивките при прогласување на планината за национален парк, како и кој ќе ги има ингеренциите врз пределот. Додатно, се разговараше за што можат да направат граѓаните и особено младите да помогнат во одржувањето на чистотата и зачувување на природата не само на Шар планина туку насекаде.

Пред ова предавање се одржаа три други онлајн предавања. На 18 март се одржа предавање за „Како да се спречи загадувањето од рудниците?“ предводено од студенти на Природно математичкиот факултет при УКИМ – Јаков Тушевски и Дарио Стојановски.

Тука учесниците се запознаа со придобивките од рударството, но и какво е влијанието на истото врз околината и животната средина.

На 25 февруари се одржа предавањето на тема „Охридско езеро – како да се заштити заштитеното?“ предводено од биологот и уредникот на порталот „doma.edu.mk“ – Кирил Арсовски Пржо.

На ова предавање се разговараше за урбанизацијата на Охридското крајбрежје и неизбежното негативно влијание кое истата го има врз езерото и природата. На крајот на предавањето се отвори дискусија каде меѓу другото се спореди и состојбата на Охридското езеро со останатите природни езера во Северна Македонија. Додатно, се разговараше за иднината на Охридското езеро по излегувањето на истото од заштитената листа на УНЕСКО.

Целиот циклус на предавања започна на 18 февруари со предавање за Преспанското езеро насловено „Природен тек или човеково влијание: Како да се спаси Преспанско Езеро?“.

Истото беше предводено од Драган Арсовски, долгогодишен еко-активист и претставник на Македонското еколошко друштво. На предавањето, Драган зборуваше за историјата на Преспанското езеро и неговата промена низ годините, како и причините кои довеле до моменталниот водостој на езерото. Беа опфатени и можните начини да се регулира водостојот на Преспанското езеро, решение кое за жал не е едноставно и се уште не е конкретизирано.

На предавањата учестуваа повеќе од 150 учесници.

Кампањата „Разбистри сè!“ ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансиски поддржана од Британската амбасада.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: