Завршни настани на училишните клубови

Младинските клубови за ученици кои функционираа во рамките на проектот „Средношколски клубови за ученички права, слободи и различности“, поддржан од Град Скопје, во последната недела од декември ги спроведоа своите завршни настани, наменети и отворени за сите ученици на овие средни училишта на територијата на Град Скопје.

Првиот се одржа на 24.12.2018 во СУГС „Зеф Љуш Марку“. Членовите на тој клуб организираа панел-дискусија за своите соученици насловена „Подигнување на свеста околу родовата еднаквост“ на која тие заедно со дел од своите професори дискутираа и дебатираа на теми поврзани со предрасудите, стеротипите и дискриминацијата, перцепцијата за девојките и жените во нашето општество и потребата од целосна еднаквост помеѓу половите. На почетокот се обрати претседателката на МОФ, Стефани Спировска, која беше и една од панелистите, покрај професорот по Социологија и дефектологот во училиштето. Настанот го водеа две ученички од клубот и беше посетен од страна на 30-тина ученици.

Во СУГС „Георги Димитров“ на 25.12.2018 се организираше проекција на филмот „Exit through the gift shop“ и дискусија по филмот за ангажираната улична уметност и како преку една субкултура може да се влијае на јавниот дискурс и да се покренат важни општествени прашања. На настанот присуствуваа 40-тина ученици.

Последниот, трет завршен настан се случи во СУГС „Орце Николов“ на 26.12.2018. Учениците организираа дискусија за 30-тина соученици од прва и втора година за предностите и недостатоците на образовниот систем во Република Македонија. За таа цел, разгледуваа и дискутираа за поединечни членови на актуелниот Закон за средното образование и предложуваа амандмани за истиот. Предлагаа и конкретни чекори и мерки за подобрување на нивниот статус во рамките на самото училиште, а изработија и плакати со цел да ја зголемат информираноста на останатите ученици за своите права и обврски.

На крајот на сите настани им беа доделени и сертификати на членовите на клубовите за нивното активно учество во текот на ноември и декември.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: